Претседателот Доналд Трамп изјави дека САД ќе воведат дополнителни 10 проценти царини за сите земји кои ќе се усогласат со „антиамериканските политики“ на групата земји во развој БРИКС, чии лидери вчера го започнаа самитот во Бразил. Со форуми како што се групите на големи економии Г7 и Г20, попречени од поделби и деструктивниот пристап „Америка на прво место“ на претседателот на САД, БРИКС се претставува како рај за мултилатерална дипломатија во услови на насилни конфликти и трговски војни.
Во заедничка изјава од отворањето на самитот на БРИКС во Рио де Жанеиро објавена во вчера попладне по локално време, групата предупреди дека зголемувањето на царините ја загрозува глобалната трговија, продолжувајќи ја својата прикриена критика кон царинските политики на Трамп.
Неколку часа подоцна, Трамп предупреди дека ќе ги казни земјите што сакаат да се приклучат кон групата.
„На секоја земја што ќе се усогласи со антиамериканските политики на БРИКС ќе ѝ биде наплатена ДОПОЛНИТЕЛНА царина од 10%. Нема да има исклучоци од оваа политика. Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање!“, рече Трамп во објава на својата социјална мрежа „Трут соушал“. Трамп не разјасни ниту подетално ја објасни референцата за „антиамерикански политики“ во својата објава.
Администрацијата на Трамп се стреми да финализира десетици трговски договори со широк спектар земји пред неговиот рок на 9 јули за воведување значајни „одмазднички царини“.
Оригиналната група БРИКС ги собра лидерите од Бразил, Русија, Индија и Кина на својот прв самит во 2009 година. Блокот подоцна ја додаде Јужна Африка, а минатата година ги вклучи Египет, Етиопија, Индонезија, Иран и Обединетите Арапски Емирати во членството. Саудиска Арабија се воздржа од формално приклучување, според некои извори, додека други 30 земји изразија интерес за учество во БРИКС, или како полноправни членови или како партнери.