Американскиот претседател Доналд Трамп објави царини за Бразил од 50 проценти. Американските царини за увоз на бразилски производи треба да стапат на сила на 1 август. Во писмо до раководството во Бразилија, Трамп го оправдува потегот наведувајќи ги постапките на бразилското судство против поранешниот претседател Жаир Болсонаро. Болсонаро бил многу почитуван за време на неговиот мандат, вели тој. Судењето против Болсонаро, според Трамп, е „лов на вештерки што мора веднаш да заврши“.
Десничарскиот поранешен претседател на Бразил е на судење за наводно планирање обид за државен удар против владата на неговиот наследник, Лула да Силва, по неговиот изборен пораз во 2022 година. Тој ги негира обвинувањата.
Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва нагласи дека неговата земја нема да дозволи да биде под ничиј патронат. На секое еднострано зголемување на царините ќе биде одговорено во согласност со законот за економски реципроцитет на Бразил, соопшти Лула да Силва .
Американскиот претседател Трамп од почетокот на неделава објавува нови царински правила за увоз на стоки во САД, кои ќе се применуваат од 1 август. Последните писма за царини се адресирани до Ирак, Либија, Алжир, Молдавија, Филипини, Брунеи и Шри Ланка. ЕУ засега нема добиено писмо.
Во меѓувреме, Трамп објави дека претходно најавените царини од 50 проценти специјално за бакарот, ќе важат за сите земји почнувајќи од 1 август. Американскиот претседател на платформата „Трут соушал“: „Америка повторно ќе изгради доминантна индустрија за бакар“.