На 47. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, усвоен е амандман со кој се одложува впишувањето на Охридскиот регион на Листата на светски наследства во опасност. Одложувањето е условено со низа обврски за кои државата треба да достави извештај до 1 февруари 2026 година.
Ова се случи откако Владата ги задолжи сите членови на македонската делегација во Париз заеднички да поднесат амандман за повлекување на Нацрт-одлуката на Комитетот, со која се предлагаше регионот да биде ставен на листата на загрозени богатства.
Комитетот требаше по третпат да гласа за статусот на Охридскиот Регион, единственото македонско природно и културно светско наследство.
Пред два дена, 40 организации од регионот и Европа побараа од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО да го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност со цел да се заштити од уништување.
Во првичната нацрт-одлука на Комитетот, од Македонија се бараше итно да ја подобри заштитата на Студенчишко Блато, веднаш да ги запре сите градежни активности во околината на блатото и кај хотелскиот комплекс „Горица“, како и да го ревидира предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да биде во согласност со меѓународните стандарди.
Природното и културното наследство на Охридскиот Регион е прогласено за светско наследство во 1979 година. Во 2019, ова подрачје беше проширено за да го вклучи и албанскиот дел од езерото, со што стана меѓудржавно светско наследство.
По одлуката на Комитетот, прес-конференција одржаа министерот за култура и туризам Зоран Љутков и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на денешната 47. сесија што се одржува во Париз донесе одлука со која на Република Македонија и на Република Албанија им се даде дополнително една година за спроведување корективни мерки, односно временска рамка за имплементација на активностите за зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Оваа одлука е резултат на заедничките заложби на Владата на Република Македонија и на Владата на Република Албанија кои беа препознаени од членките на Комитетот и другите надлежни инстанци”, рече Љутков.
Тој вели дека одлуката на Комитетот е поттик и мотивација, најсериозно да се продолжи со конкретни мерки што ќе овозможат итна имплементација на предвидените корективни мерки базирани на препораките од реактивните мисии од 2020 и 2024 година, како и на Стратегискиот план за рехабилитација.