ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ БАРА ОД ВЛАСТА ДА ГИ ЗАСИЛИ НАПОРИТЕ ПРОТИВ СМРТОНОСНОТО ЗАГАДУВАЊЕ ВО СКОПЈЕ ДОДЕКА СКОПЈАНИ СЕ ГУШАТ ВО ЧАД ОД ПОЖАРИ

    ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ БАРА ОД ВЛАСТА ДА ГИ ЗАСИЛИ НАПОРИТЕ ПРОТИВ СМРТОНОСНОТО ЗАГАДУВАЊЕ ВО СКОПЈЕ ДОДЕКА СКОПЈАНИ СЕ ГУШАТ ВО ЧАД ОД ПОЖАРИВо извештајот се наведува дека „ситуацијата е особено алармантна во Скопје, кој постојано е еден од најзагадените градови во Европа“. - Од вчерашниот пожар на отпад близу Скопје (Фото: СДК.МК)

    Скопјани деновиве се борат со загаден воздух и мирис на чад, откако во околината на градот беа или сѐ уште се активни неколку пожари. Ситуацијата доаѓа во време кога Европскиот парламент во најновиот извештај за напредокот на земјава кон ЕУ, усвоен вчера, се вели дека квалитетот на воздухот останува сериозен проблем и потсетува дека Скопје е еден од најзагадените градови во Европа.

    Според последните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), на територијата на целата држава утринава имало вкупно 63 пожари, од кои девет сѐ уште се активни. Меѓу активните се и пожарот на депонијата во Визбегово, како и во Чучер Сандево. Од ЦУК напоменуваат дека овие податоци се базирани на информации од регионалните центри, а за скопскиот регион се однесуваат на периодот од 20 часот синоќа до 7 часот утрово.

    Во текот на вчерашниот ден, во повеќе скопски општини се чувствуваше силен мирис на чад, а состојбата беше влошена од ветерот кој дополнително ја ширеше прашината и ѓубрето. Вчера беа регистрирани пет активни пожари на подрачјето на Град Скопје: во Чучер-Сандево кај црквата „Свети Никита“, на дивата депонија во Шуто Оризари, кај Стенковец, во Волково во општина Ѓорче Петров и во Катланово.

    Загриженоста за аерозагадувањето беше истакната и во извештајот за напредокот на Северна Македонија усвоен вчера од Европскиот парламент. Во него се наведува дека „квалитетот на воздухот и водата и управувањето со отпадните води остануваат особено предизвикувачки прашања за земјата“. Европратениците ги повикуваат централната власт и локалните власти да ги засилат напорите за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на „потенцијално смртоносното загадување“, потсетувајќи дека „ситуацијата е особено алармантна во Скопје, кој постојано е еден од најзагадените градови во Европа“.

    Во извештајот се нагласува и „итната потреба да се даде приоритет на заштитата на животната средина“. Властите се повикуваат да ја усвојат потребната легислатива и да ги засилат мерките за биодиверзитет, вода, воздух и климатски активности, како и регионално управување со отпад.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира