Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го преживеа гласањето за недоверба во Европскиот парламент, поднесено главно од пратеници од крајната десница кои тврдеа дека таа и нејзиниот тим ја поткопале довербата во ЕУ преку незаконски дејствија. Како што се очекуваше, предлогот не доби двотретинско мнозинство потребно за да се усвои. Само 175 членови на парламентот го поддржаа предлогот, додека 360 гласаа против, а 18 се воздржаа.
Романскиот националист Георге Пипереа, главен спонзор на предлогот, меѓу другото го критикуваше одбивањето на Комисијата да ги открие текстуалните пораки меѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на производителот на вакцини „Фајзер“ за време на пандемијата со ковид-19.
„Донесувањето одлуки стана непроѕирно и дискреционо, и предизвикува страв од злоупотреба и корупција. Цената на опсесивната бирократија на Европската Унија, како што е (справувањето) со климатските промени, е огромна“, изјави Пипереа пред парламентот во понеделникот.
За време на дебатата за нејзиното лидерство, Фон дер Лајен го бранеше својот успех во парламентот, отфрлајќи ги критиките за нејзиното управување со пандемијата и тврдејќи дека нејзиниот пристап обезбедил еднаков пристап до вакцини низ цела ЕУ.
Иако предлогот за гласање доверба имаше мали шанси за успех, тоа беше политичка главоболка за Фон дер Лајен додека нејзината Комисија преговара со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за да се обиде да спречи високи американски царини за стоки од ЕУ. Ова беше прв пат од 2014 година претседател на Комисијата да се соочи со таков предлог. Тогашниот претседател Жан-Клод Јункер, исто така, го преживеа гласањето.