ПОД ПОЛИЦИСКА ОПСАДА СУДЕЊЕТО НА МАЛИ РЕПКА ВО ВЕЛЕС, ОДЛОЖЕНО ЗА ДА СЕ ВЕШТАЧИ ДАЛИ Е СПОСОБЕН ДА ЈА СЛЕДИ РАСПРАВАТА

    ПОД ПОЛИЦИСКА ОПСАДА СУДЕЊЕТО НА МАЛИ РЕПКА ВО ВЕЛЕС, ОДЛОЖЕНО ЗА ДА СЕ ВЕШТАЧИ ДАЛИ Е СПОСОБЕН ДА ЈА СЛЕДИ РАСПРАВАТАГолем број припадници на специјалните единици беа распоредени околу и во зградата на судот, како и во самата судница, поради тоа што обвинетиот е означен како лице со висок ризик. (архивска фотографија)

    Поради судењето на Зулќуфли Нуредини од скопско Батинци, познат во криминалното подземје како Мали Репка, Основниот суд во Велес денеска беше под полициска опсада. Голем број припадници на специјалните единици беа распоредени околу и во зградата на судот, како и во самата судница, поради тоа што обвинетиот е означен како лице со висок ризик, кој во минатото бегал од затвор и уценувал затворски полицајци.

    Денешното рочиште, сепак, беше одложено. Судијата донесе решение за психијатриско вештачење со кое треба да се утврди дали обвинетиот, со оглед на неговата психичка состојба, е способен да го следи текот на главната расправа.

    „На рочиштето на денешната главна расправа, претседателот на советот-судијата кој постапува по предметот, во согласност со принципот на еднаквост на оружјата, донесе решение за определување на психијатриско вештачење со цел да се утврди дали, со оглед на психичката состојба на обвинетиот, тој е способен да го следи текот на главната расправа, така што рочиштето за главната расправа е одложено за ден 16.10.2025 година“, соопштија од Основниот суд Велес.

    На Зулќуфли Нуредини во Велес му се суди за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, односно за поседување пиштол за кој немал дозвола. Тој веќе е осуден на затворска казна од осум и пол години за убиство.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира