ТРАМП ВОВЕДЕ 35 ПРОЦЕНТИ ЦАРИНА ЗА КАНАДА, Ѝ СЕ ЗАКАНУВА И НА ЕУ

    ТРАМП ВОВЕДЕ 35 ПРОЦЕНТИ ЦАРИНА ЗА КАНАДА, Ѝ СЕ ЗАКАНУВА И НА ЕУВо писмо до канадскиот премиер Марк Карни, објавено на неговата социјална мрежа „Трут соушал“, Трамп се закани со понатамошно зголемување ако Канада одговори со одмазднички царини. (Фото: АП)

    На Европската унија ѝ се закануваат нови паушални казнени царини од САД. Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе царини од 15 или 20 проценти за стоки од повеќето трговски партнери. ЕУ би можела да добие соодветно писмо „денеска или утре“, изјави синоќа Трамп за „Ен-Би-Си њуз“.

    „Би сакал да го направам тоа уште денеска. Водам разговори со ЕУ, која, како што знаете, вклучува неколку земји, како и со Канада. Треба да ги испратиме писмата во следните неколку часа“, рече Трамп.

    Не мора секој да добие писмо, рече Трамп. САД едноставно би ги утврдиле своите царини. „Ќе кажеме едноставно дека сите други земји ќе платат, без разлика дали се 20 или 15 проценти, ќе го сториме тоа сега“, рече Трамп.

    Оваа недела, Трамп го одложи рокот за царините, претходно предвидени за минатата среда, до 1 август. ЕУ се потпира на принципиелен договор во преговорите со САД. Во април, Трамп воведе основна царина од 10 проценти за речиси целиот увоз од ЕУ.

    Покрај тоа, посебни царини се применуваат за одредени производи, како што се увоз на челик и алуминиум и увоз на автомобили.

    Кратко по неговите изјави за ЕУ ​​и Канада, Трамп објави царини од 35 проценти за стоки од Канада, што ќе стапат на сила на 1 август. Во писмо до канадскиот премиер Марк Карни, објавено на неговата социјална мрежа „Трут соушал“, Трамп се закани со понатамошно зголемување ако Канада одговори со одмазднички царини.

    Во писмото, Трамп ја спомена и кризата со фентанил. Американскиот претседател ја критикува Канада поради тоа што не успеала да го спречи протокот на синтетичка дрога во САД. Во спорот за царините, тврдеше тој, Канада наместо да соработува со САД, возврати со свои царини на претходното објавување на американските царини. Криминалните синдикати го снабдуваат црниот пазар на САД со дрога, првенствено од Мексико, обвинува Трамп, а покрај Канада тврди дека и Кина дели одговорност за кризата со фентанил.
    На крајот на јуни, Трамп веќе ги прекина трговските разговори со Канада. Трамп како причина го наведе планираното воведување на дигитален данок од страна на Канада врз трансакциите на американските компании.

    Трамп во последните денови ја прошири својата трговска војна и веќе објави бројни писма до други земји. Тој воведе нови царини за сојузниците Јапонија и Јужна Кореја, како и царина од 50 проценти за бакар. ЕУ досега не е вклучена. Со својата царинска политика, Трамп има за цел да поттикне поголемо производство во САД.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира