ИНВЕСТИТОР ВО ОХРИД СИ ГРАДЕЛ ОБЈЕКТ ВО ПЕРИОД НА ЗАБРАНА, ИНСПЕКТОРИТЕ МУ ДАЛЕ РОК ОД 5 ДЕНА ПОРАДИ БЕЗБЕДНОСТ ДА ГИ ЗАВРШИ ЗАПОЧНАТИТЕ РАБОТИ

    ИНВЕСТИТОР ВО ОХРИД СИ ГРАДЕЛ ОБЈЕКТ ВО ПЕРИОД НА ЗАБРАНА, ИНСПЕКТОРИТЕ МУ ДАЛЕ РОК ОД 5 ДЕНА ПОРАДИ БЕЗБЕДНОСТ ДА ГИ ЗАВРШИ ЗАПОЧНАТИТЕ РАБОТИСо фотографии испратени до редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК граѓани тврдат дека инвестиротот гради во забранета зона. (Фото: СДК.МК)

    Во Охрид од 1 јули стапи во сила одлуката за забрана за изведување градежни работи во централното градско подрачје во текот на главната летна туристичка сезона.

    Забраната се однесува на целиот простор јужно од булеварот Туристичка на потегот од „Билјанини извори“ до реката Даљан, потоа на просторот 50 метри над булеварот Туристичка, како и на туристичките локалитети, почнувајќи од Студенчишкиот канал, сѐ до Свети Наум. Забраната ќе биде на сила до 31 август.

    Но, граѓаните реагираат дека забраната не се почитува. Со фотографии испратени до редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК тврдат дека инвестиротот гради во забранета зона.

    „Општина Охрид донесе одлука за забрана на секакви градежни активности од 1 јули на целиот потег од Билјанини Извори до реката Даљан што се наоѓа јужно од булеварот Туристичка, но еве веќе втора недела до хотелот ‘Магнус’ во населбата Даљан си продожуваат со градежни активности на изградба на огромна зграда, а во радиус од само 50 метри се наоѓаат повеќе населени станбени згради, па ни се трпи ни се издржува. Од 4 саатот сабајле, па цел ден бувтет трескет користат тешка механизација, моторни пили, сечат железа ни се спие ни се издржува, повеќе пати е реагирано до Општина Охрид и не сакаат воопшто да реагираат. Јас сфаќам дека не им гајле за туристите и туристичката сезона, но овде има луѓе што постојано живеат, па и ние имаме душа, па и ние сакаме да одмориме, на крај краишта Општина Охрид треба да им служи на граѓаните, па ние ги плаќаме од нашите даночни пари за нивните институции да им служат на граѓаните, да ги заштитуваат, а не вонзаконски да им служат на нечии туѓи интереси на штета на сопствените сограѓани“, се вели во реакцијата на граѓанинот.

    Тој тврди дека се работи интензивно, а објектот од ден на ден станува сѐ поголем.

    „Пред неколку дена ‘фрлија’ нова плоча на зградата, па одма ги шаловаа стубовите за наредната плоча, еве денес и стубовите ги направија, во прилог ви испраќам фотографии како денес машински со миксер за бетон на лице место ги полнат стубовите за наредната плоча“.

    Градежните инспектори при Одделението за инспекциски надзор на Општина Охрид извршиле контроли на неколку локации каде биле забележани градежни активности по воведувањето на сезонската забрана за градење, која стапи на сила на 1 јули.

    При надзорот, инспекторите констатирале дека одредени инвеститори на А2 станбени објекти продолжиле со изведба на градежни работи. Поради конструктивни причини и неодложни градежни активности, со цел да не настанат последици од материјален или безбедносен аспект, инспекторите донеле решенија со кои на инвеститорите им се дозволува во рок од 5 дена да ги довршат започнатите работи.

    Овие решенија се донесени врз основа на поднесени барања од страна на инвеститорите, а инспекторите постапиле согласно законските надлежности и прописи.

    Одлуката за забрана за градежни активности во централното градско подрачје е воведена од 2006 година и со неа се регулирани градежните зафати во перидот од 1 јули до 31 август додека трае летната сезона да не се гради во прилог на туристите кои одлучиле летниот одмор да го поминат во Охрид. Таа повлекува кривична одговорност ако не се применува.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира