ДВЕ ГОДИНИ НЕМА СПАС ОД РЕАТА НА ИЗМЕТ КРАЈ ГРАДСКО, ОПШТИНАТА ЗГРЕШИЛА ШТО ЈА ДАЛА ЛОКАЦИЈАТА ЗА БИОГАСНА ЦЕНТРАЛА, ВЕЛИ ИНСПЕКТОРАТОТ

    ДВЕ ГОДИНИ НЕМА СПАС ОД РЕАТА НА ИЗМЕТ КРАЈ ГРАДСКО, ОПШТИНАТА ЗГРЕШИЛА ШТО ЈА ДАЛА ЛОКАЦИЈАТА ЗА БИОГАСНА ЦЕНТРАЛА, ВЕЛИ ИНСПЕКТОРАТОТМештаните се жалат дека мора да седат дома овие летни вечери, со затворени врати и прозори, за да се заштитат од неподносливата смрдеа, но и инсектите, а состојбата е особено опасна за децата. (Фото: СДК.МК)

    Две години реата на измет е секојдневие за жителите на населбата Стопанство и дел од Градско, откако започнала со работа блиската биогасна централа лоцирана во нивно соседство, преку пат. Освен неподносливата смредеа има и инсекти кои ги привлекува ѓубрето, а се опасност по здравјето.

    „Смрдеата ни предизвикува потешкотии на здравјето. Амонијакот кој потекнува од распаѓањето на животинските или растителните материи кои се користат во процесот за добивање струја ги оштетува дишните патишта, имаме воспалувања на синуси, главоболки. Мувите кои доаѓаат на ѓубрето, се исто така проблем, шират зараза“, вели Трајче Ристов, жител на Градско.

    Мештаните се жалат дека мора да седат дома овие летни вечери, со затворени врати и прозори, за да се заштитат од неподносливата смрдеа, но и инсектите, а состојбата е особено опасна за децата.

    „Многу мириса, не се издржува. Ние реагираме, но подобрување не се случува. Децата ни боледуваат. Преработката од системот навечер ја посипуваат по нивите како арско ѓубре. Во боксовите оставаат силажа која ферментира и по некое време кога ќе ја утоварат во системот, тогаш смрди, машините ја подигаат и се чувстува реата. Навечер е најкритично. Децата се жалат на проблеми со очите, имаат главоболки. Нека работи централата, ама здравјето ни го зема“, рече Рифат Демири.

    Велат дека споредено со лани летото, годинава состојбата е полоша. Реата ги избркала младите кои правеле свадба во блискиот ресторан на отворено. Сега ретко кој се одлучува тука да стапи во брак, иако претходно секој викенд имало по две свадби.

    Лани во август, Државниот инспекторат за животна средина рече дека дека постројките на централата немаат заштита од реа и на ‘Вардар био процес’ му даде рок за отстранување на недостатците.

    „При надзорот се констатира дека во постројките за производство на биогас не е обезбедена заштита од непријатни емисии на миризба од приемната јама, во која времено се складира цврсто и течно ѓубриво. Издадено е решение за отстранување на констатираните недостатоци со временски рокови кои сѐ уште течат, имајќи во предвид дека е потребно преземање на посериозни активности кои побаруваат време за изведба“, изјави тогаш Биљана Шуркова-Манаскова од Државниот инспекторат за животна средина за Општина Велес.

    Од Државниот инспекторат за животна средина сега велат дека по реакции на засегнатите страни во три наврати направил вонредни инспекции, последната на 27 март годинава. Констатирано е дека реата е последица на постапката за начинот на користење на ѓубрето.

    „Елаборатот за заштита на животната средина утврдува посебен акцент на утовар и транспорт на ѓубривото од фармите до централата за биогас, утовар и транспорт на ѓубрето, цврста и течна фракција по завршениот процес до нивите, активност која има влијание на појавата на непријатна миризба по околината“, велат од Инспекторатот.

    Стручната литература која била користена од ДИЖС за оваа проблематика прецизира дека изборот и одобрувањето на локацијата е пресудно и најважен услов за контрола на влијанијата. Несоодветното решение на локацијата, може да создаде проблеми во текот на работата на инсталацијата.

    Жителите на населбата ги обвинуваат членовите на Советот од претходниот мандат на Општина Градско, кој ја изгласа локацијата во дворот на населбата да има биогасна централа.

    Менаџментот на ‘Вардар био процес’ негира дека смрдеа потекнува од биогасната централа.

    „Биогасната централа ‘Вардар био процес’ прави редовни лабораториски испитувања на емисиите и загадувачки супстанци во отпадните гасови и пареи во воздухот, за кои постојат законски обврски. Сите испитувања на измерените концентрации направени од акредитирани лаборатории, укажуваат дека не постои надминување на ниту една од дозволените гранични вредности. Работниот режим е идентичен и непроменлив во текот на денот и ноќта, не се извршуваат никакви активности во вечерните часови, различни од дневните. Евентуална појава на непријатна миризба во околината, со изразена периодичност во вечерните часови, не може да потекнува од биогасната централа“, вели менаџментот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира