Вработениот во Народна банка кого Велибор Манев, еден од обвинетите за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, го посочи дека по насоки на Љупчо Палевски дошол во партијата „Десна” и го однел да го уништи оружјето со кое биле убиени детето и пензионерот, уште е под мерки од судија на претходна постапка.
Тој е со одземен пасош и треба да се јавува еднаш неделно во Кривичниот суд, бидејќи е осомничен за помагање во извршување кривично дело. На истото место, во Основниот кривичен суд Скопје работи неговата сопруга како судијка.
Пиштолот не е најден, но истрагата трае и се преземаат дејствија како претреси, пребарувања, распит со осомничениот и со Манев кој цело време зборуваше за некој член на „Десна” кој го зел синиот ранец со пиштолот и го однел да го уништи, но не му го кажуваше името, зашто „е фамилијарен човек”, како што велеше.
Осомничениот нема забрана, па си оди секој ден и на работа во Народна банка, велат од Обвинителството.
Тој беше приведен веднаш штом од Манев беше посочен во завршните зборови, на 20 јуни. По пет дена беше изречена доживотна затворска казна како за Палчо и за Манев, така и за останатите обвинети Боре Видевски и Влатко Кешишев.
„ОЈО Скопје итно постапи за проверка на наводите изнесени од обвинетиот во текот на рочиштето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. По наредба на јавен обвинител едно лице е лишено од слобода и против него е поведена истрага за Помагање на сторител по извршено кривично дело согласно член 365 став 3 од Кривичниот законик. Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени. Со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбеди и судски наредби со кои беа извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија“, соопшти и додаде дека заради обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање, како и да се определи повремено да се јавува кај службено лице во судот”, кажа тогаш Обвинителството.
Манев на крајот се испровоцира од Палевски.
„Бидејќи ме нарече лажго и сака да ми натовари вина дека јас сум ги убил Вања и Панче, еве ќе кажам дека лично тој ми се јави од турска граница и ми рече да му се јавам на З. Д. од Народна банка, член на ‘Десна’. По израз на Палевски, ми рече да му се јавам на З. Д. ‘пакетот’ да го отстрани откај него, да го фрли и уништи. Да не може да се најде. После тоа морав да го известам дека сум се јавил и сум пренел порака. Лажев за него, иако го има на камерите“, кажа Манев за ранецот со оружјето, што во разговор со тогаш избеганиот Палевски го нарекувале пакет, по што обвинителките излетаа од судница и веднаш З.Д. беше приведен.
Обвинителството вели дека во оваа фаза во потрагата, нема ништо да споделува со јавноста.
С. К. ДЕЛЕВСКА