Сириската војска почнала да се повлекува од јужниот регион Сувејда, откако САД кажаа дека се преземени конкретни чекори за запирање на насилството во земјата. Израел вчера бомбардираше воени мети во Дамаск, меѓу кои и зградата на министерството за одбрана, под изговор дека сака да го заштити малцинството Друзи, чии милиции во изминатите денови се судрија со сириските владини сили и бедуинските племиња. Повеќе од 350 луѓе загинале во овие судири од неделата.
„Договоривме специфични чекори кои треба да стават крај на оваа проблематична и ужасна ситуација“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Сириската новинска агенција „Сана“ објави дека војската ја напушта Сувејда како дел од договорот помеѓу владата и локалните верски водачи, откако била „довршена потрагата по одметнички групи“.
Израелската војска во понеделникот почнала да ги напаѓа сириските безбедносни сили откако тие биле распоредени во градот Сувејда за првпат од соборувањето на режимот на Башар ал-Асад.
Привремениот сириски претседател Ахмед ал-Шара изјави дека заштитата на Друзите е врвен приоритет. Тој сепак додаде дека сирискиот народ не се плаши од војна и спремен е да се бори ако неговото достоинство биде загрозено.
Опишувајќи ги новите владетели на Сирија како прикриени џихадисти, Израел изјави дека нема да им дозволи да префрлат сили во јужна Сирија и вети дека ќе ја заштити заедницата Друзи од напади. Половина милион од ова муслиманско малцинство живеат во Сирија, сочинувајќи 3% од населението. Во Израел ги има околу 152.000 и важат за лојални на државата. За време на 14-годишната граѓанска војна, Друзите имале свои милиции, а од падот на Асад, тие се спротивставуваат на обидите на државата да наметне власт во јужна Сирија.