Македонскиот актер Никола Ристановски доби Златна арена за споредна машка улога во хрватска малцинска копродукција на 72. издание на Филмскиот фестивал во Пула. Ристановски, првенец на Македонскиот народен театар (МНТ) е награден за улогата во филмот „Меѓу боговите“ на српскиот режисер Вук Ршумовиќ. Актерката од истиот филм, Ферештех Хосеини, доби Златна арена за главна женска улога.
„Меѓу боговите“ е хрватска малцинска копродукција, во партнерство со продуцентите од Србија и копродуценти од Италија.
Големата Златна арена за најдобар филм, во главната конкуренција за хрватски филм, ја доби „Миротворец“ на Иван Рамљак.
Премиерата на „Меѓу боговите“ беше лани на Филмскиот фестивал во Сараево. Во Македонија, ќе игра на 4. издание на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ од 7 до 12 август во Дојран.