Со приклучувањето на хидросистемот „Злетовица“, Штип го реши прашањето за водоснабдување за следните педесет години, обезбедувајќи капацитет што ги надминува и најголемите потреби на градот. Филтер-станицата може да преработува над 300 литри вода во секунда, додека просечната дневна потрошувачка во летниот период е околу 180 литри во секунда, што теоретски овозможува градот да има вода и за извоз.
Од 2022 година, филтер-станицата целосно ја користи водата од „Злетовица“, која се дистрибуира преку цевководи долги и до 40 километри. Старите рени-бунари во близина на Брегалница се чуваат како резерва и можат брзо да се стават во функција доколку се појави потреба.
Според Тања Глигорова, раководител на филтер-станицата, потрошувачката на вода е најголема во попладневните часови, помеѓу 19 и 20 часот, кога достигнува и над 230 литри во секунда.
„Не е исклучена и можноста, деновиве кога се очекуваат уште повисоки температури, дневната просечна потрошувачка да надмине над 250 литри вода во секунда, независно што во раните утринските часови ја имаме најмалата потрошувачка од 100 до 110 литри во секунда“, вели Глигорова.
Водата од „Злетовица“, која доаѓа од планинската брана „Кнежево“, има значителни предности. Во лето, нејзината температура е околу 15 степени, додека во зима се спушта на 3-4 степени.

Филтер станицата располага со софистицирана опрема за скада систем за автоматско мониторирање на дистрибуцијата на водата и како влезна и како излезна од ХС „Злетовица“ до филтер станицата и од неа до крајните потрошувачи. (Фото: СДК.МК)
И покрај обезбедените количини, предизвик остануваат загубите на вода поради старата мрежа и дивите приклучоци. Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, вели дека се преземаат мерки за справување со овие проблеми. Благодарение на тие мерки, просечната потрошувачка денес е помала отколку пред десетина години, иако бројот на корисници е зголемен за 30 отсто.
„Пред извесно време пронајдовме случај каде без никакви надворешни знаци дека има истек на вода од подземната мрежа која само понирала, откривме дефект дека само на тоа место губиме 17.000 литри вода. Затоа, наскоро ќе воведеме нов СКАДА систем за мониторинг токму за вакви случаи, метод кој ќе открива и диво приклучување. Досега веќе откривме дваесетина такви случаи“, изјави Арсовски.
Привремените прекини во водоснабдувањето, според директорот, се резултат на дефекти на застарената водоводна мрежа. Ваквите дефекти најчесто се решаваат со целосна замена на оштетените цевки. Дел од граѓаните препорачуваат ЈП „Исар“ да изработи попрецизен катастар на мрежата и да постави повеќе шибер-вентили за да се избегнува исклучување на цели населби при поправки.
Т. ЈОВАНОВСКИ