На платформа со носивот околу два тона, подигната на Ротинското Езеро под Пелистер, петнаесетина актери од Народниот театар од Битола вечерва, премиерно ќе ја изведат претставата „Рибарски караници“ по текст на Карло Голдони од 18. век, а во режија на Јован Ристовски. Платформата е идејно решение на сценографот Валентин Свтозарев, а ја подигнаа сценските работници од Театарот.
Местото нема осветлување, па обезбедна е светлина со агрегат, проширен е патот до Езерото, а за гледачите кои ќе дојдат на премиерата и репризата, утре ( 26 јули), ќе има и организиран автобуски превоз.
„Цело време актерите се на платформа, тестирана е на 17 актери и издржува. Има носивост од прилика околу два тона. Магијата што ја нудат Езерото и Пелистер за нас беше предизвик да направиме претстава која ќе биде поразлична од сè она што сме го правеле. Битолскиот театар за првпат во својата историја покрај Хераклеја и фестивалските сцени на отворено, настапува на вака специфична локација“, рече директорот Васко Мавровски.

Цело време актерите се на платформа, тестирана е на 17 актери и издржува. Има носивост од прилика околу два тона. (Фото: СДК.МК)
Продуцентот на претставата Димитар Михајловски рече дека во платформата вградени се и 65 буриња со носивост од 220 литри. Како најголем предизвик го спомна опаѓањето на нивото на водата.
„На почетокот не пресметавме една работа – сушната година и потребата на жителите за наводнување. Кога дојдовме водата беше на многу повисоко ниво, 2 метри нагоре и се намали. Но, се договоривме овие неколку денови да не се испушта, а реката од планината носи вода, па ќе биде во ред“, рече Михајловски.
Режисерот Ристовски кажа дека иако е комедија, во себе содржи важна порака.
„Претставени се граѓани од понизок слој и без разлика што се навредуваат и повредуваат, завршуваат на суд за банални работи, убавината е во тоа што на крај сепак се наоѓа едно меѓусебно човечко разбирање кое како врват веќе 30 и повеќе години во оваа независна држава како да недостасува таа емпатија и љбов меѓу народот. Има позитивен крај претставата и еден повик – луѓе што правиме, треба да се сакаме“, рече Ристовски.
Драматургот Билјана Крајчевска вели дека режисерот заедно со актерите направија скоро нов превод на текстот.
„Изиграна е во 1957 и оттогаш за жал, немаме друг превод на овој тект. Се зборува на повеќе дијалекти од Македонија и во еден момент игледа како една Вавилонска кула, но не каде што Бог е моќта, туку човекот“, рече Крајчевска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА