Штипските пожарникари дежураат на планината Серта за да не дозволат ново ширење на пожарот, кој првично избувна пред неколку дена. Притоа помош имаат од мештаните од тамошните села Драгоево и Селце.
„Пред четири дена избувна пожар на Серта, во чие подножје се селата Драгоево и Селце. Интервениравме со четири возила и 15 пожарникари и не дозволивме пожарот да се прошири. За да можат стотината жители од овие две села мирно да спијат, формиравме наша дежурна екипа, па со дел од мештаните деноноќно го контролираме пожарот, кој на места и натаму тлее“, вели командирот на Противпожарната единица во Штип, Благој Ренџов.
Два дена по гаснењето на овој пожар, во што учествуваа и месното население и вработени од шумското стопанство, штипските пожарникари добиле повик за интервенција на другата страна од регионот, во подножјето на планината Плачковица, кај селата Калаузлија и Јонузлија, каде горела шума на непристапен терен.
„Дел од нашите сили веднаш ги пренасочивме кон плачковичкиот регион. Со оглед на тежината на пожарот, побаравме помош од воздух, но додека да интервенираат хелокоптерите, ние со дваесетина пожарникари се спуштивме кон падината, каде гореше густа шума и почнавме да гасиме. Кога дојдоа хеликоптерите, беше многу полесно и за неколку часа успеавме и овој пожар да го ставиме под контрола“, вели Ренџов.
Според него, и во овој предел има деноноќно дежурство, затоа што на места сѐ уште има жаришта.
Ренџов ја истакнува соработката со мештаните, кои ја пофалиле нивната интервенција, затоа што, како што рекле, се спуштиле во долот, а таму нема ни козји патеки.
Т. ЈОВАНОВСКИ