Обвинителството на Кавадарци поднесе обвинение за речиси слеп возач кој во бизарни околности удрил со товарното возило во пешаци, односно во жена на која ѝ ги разнел главата и вратните прешлени, од кои тешки повреди починала на местото.
Додека траела истрагата за страшната несреќа што ја предизвикал, слепиот возач некако успеал и да си ја продолжи возачката дозвола. Оттаму, ОЈО Кавадарци испратило известување до ОВР Неготино за обезбедените докази и побарало истрагата да се прошири. Односно, да се извршат проверки за начинот на стекнување со возачка дозвола и со инвалидска пензија, односно проверка на веродостојноста на медицинските документации употребени во двата случаја.
Нејасно е како МВР му дало возачка на лице што прима инвалидска пензија за слепило. Па уште и му ја продолжило важноста на дозволата, и тоа за време на истрагата која открила дека возачката му е истечена.
Уште понејасно е дали навистина обвинетиот има 99 посто оштетен вид и како ја добил таа инвалидска пензија штом може да вози.
Додека истражува корупција со инвалидската пензија и со продолжувањето на возачката дозвола, ОЈО Кавадарци го обвини лицето за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, или за повеќегодишна затворска казна за сообраќајката.
„Обвинетиот, на 03.12.2024 година, на регионалниот пат Р1103 Лакавица-Дреново-делница Пепелиште-Неготино, управувал товарно моторно возило ‘Ситроен џампер’ со велешки регистарски ознаки иако во тој момент не поседувал важечка возачка дозвола, односно истата му била со истечена важност. Кога пристигнал на критичното место викано ‘Лаки’, не обрнал внимание на пешаците кои се движеле во близина на работ на коловозот. Со ретровизорот удрил во главата на пешакот Ангелина Ангелова, која била отфрлена од патот и кај која биле предизвикани тешки телесни повреди – скршување на черепот, вратни пршлени и повеќе коски од кои починала. Кај оштетената исто така е утврден одреден пропуст бидејќи имала можност визуелно да го забележи товарното возило и навреме да го избегне, но тој пропуст е од секундарен карактер согласно извршеното вештачење“, вели Обвинителството за несреќата.
Дополнително, во текот на постапката, јавниот обвинител обезбедил медицинска документација согласно која на обвинетиот му била утврдена попреченоста – слепило со намалена видна функција од 99%.
„Врз основа на тоа, тој бил корисник на инвалидска пензија и додаток за утврдената попреченост, но и покрај тоа управувал со товарно возило во моментот на несреќата и во текот на истражната постапка успеал да ја продолжи возачката дозвола“, наведува Обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА