Комерцијална банка донесе одлука за измени во својата тарифа, имајќи го предвид променетиот тарифен модел на Народната банка на Република Северна Македонија, со што значително ги намали надоместоците за услугите за граѓаните и компаниите. Од 1 октомври се намалуваат надоместоците за платежни услуги за физички лица и до 66%, а дел од нив целосно се укинуваат.
Со овие измени, Комерцијална банка значајно го олеснува користењето платежни сметки, банкарски картички и електронско банкарство, како и вршењето трансфери на средства.
Целосно ќе се укине дел од надоместоците за физички лица. Кредитните трансфери во интерен платен промет кон платежни сметки на физички лица преку електронско банкарство и натаму остануваат без надомест, а отсега без надомест ќе бидат и трансферите преку електронско банкарство кон платежни сметки на правни лица во банката. Се укинува и надоместокот за повлекување готовина од платежна сметка во девизи и од неорочени штедни депозити во девизи на резиденти физички лица.
„Како лидер и носител на најновите трендови во дигиталното банкарство во земјава, банката одлучи електронското банкарство за физички лица да го овозможи без надомест за клиентите што ќе изберат некој од КБ пакетите. Исто така, со новите услови наместо досегашните три, физичките лица месечно ќе имаат 10 бесплатни проверки на состојба со дебитна картичка на банкомат. Стандардните дебитни картички за приматели на плата и пензија и натаму остануваат без надомест, а водењето платежна сметка за физички лица, како и досега, ќе се наплаќа само доколку клиентот има активност во тековниот месец. Воедно, до 66% ќе се намали голем број од надоместоците за платежни услуги за физички лица“, соопшти Комерцијална банка.
Намалувањето се однесува на најразлични услуги поврзани со секојдневното финансиско работење на граѓаните:
- Кредитен трансфер преку шалтерите на банката кон платежни сметки на физички и правни лица во банката – намалување во просек за 66%
- Кредитен трансфер преку шалтерите на банката кон сметки во други банки преку КИБС – намалување во просек за 55%
- Кредитен трансфер преку електронско банкарство кон сметки во други банки преку КИБС – намалување во просек за 35%
- Кредитен трансфер преку шалтерите на банката кон сметки во други банки преку МИПС – намалување за 64%
- Кредитен трансфер преку електронско банкарство кон сметки во други банки преку МИПС – намалување за 50%
- Месечен надомест за одржување платежна сметка со основни функции – намалување за 41%
- Месечен надомест за користење електронско банкарство (Интернет банка или мБанка) – намалување во просек за 45% и ќе се наплаќа само доколку клиентот ја користи услугата во текот на месецот
- Месечен надомест за користење КБ пакети – намалување во просек за 43%
- Повлекување готовина со дебитна картичка од банкомат на друга банка во земјата – намалување за 40% кај минималниот надомест.
- Уплата во готово преку МИПС – намалување за 62%
- Повлекување готовина од платежна сметка во денари и од неорочени штедни депозити на резиденти преку шалтерите на банката – намалување за 66% кај минималниот надомест.
Истовремено, банката донесе одлука за укинување на надоместокот за кредитни трансфери од сметки на правни лица кон други сметки во банката извршени преку електронското банкарство. Извршени се и намалувања на надоместоците за кредитни трансфери од сметки на правни лица кон сметки во други банки преку платните системи КИБС и МИПС, со намалување и до 30% на трансферите извршени преку електронското банкарство.
Повеќе детали за намалувањата на надоместоците за физички лица кои ќе важат од 1 октомври се достапни на следниот линк. Деталите за намалувањата на надоместоците за правни лица, кои исто така ќе важат од 1 октомври, се достапни на следниот линк.