Над 7.000 случаи на зараза со вирусот чикунгуња што се пренесува преку комарци се пријавени во кинеската покраина Гуангдонг од јули, што доведе до мерки слични на оние од пандемијата на ковид-19.
Во градот Фошан, кој е најтешко погоден, пациентите мора да останат во болница, каде што нивните кревети се заштитени со мрежи против комарци. Тие можат да бидат отпуштени само откако ќе имаат негативен тест или на крајот од еднонеделниот престој.
Вирусот се шири преку каснување од заразен комарец и предизвикува треска и силна болка во зглобовите, која понекогаш може да трае со години.
Ширењата на чикунгуња се почести во Јужна и Југоисточна Азија и во делови од Африка.
Покрај Фошан, случаи на зараза се регистрирани во уште 12 градови во Гуандонг, речиси 3.000 минатата недела. Во понеделникот прв случај е пријавен и во Хонгконг.
Вирусот не се пренесува од човек на човек и се шири само кога заразеното лице ќе биде каснато од комарец кој потоа ќе касне други. Властите велат дека сите пријавени случаи досега биле благи, при што 95% од пациентите биле отпуштени во рок од седум дена.