Кавадарчанец (43) е осомничен дека си го убил 42-годишниот брат и го закопла во кучниот двор за да го сокрие убиството. Основното јавно обвинителство Кавадарци соопшти дека донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека е сторител на кривично дело Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот 43-годишник, на 27 јули во вечерните часови, го лишил од живот својот една година помлад брат, удирајќи го неколку пати со метален предмет по главата. Делото го извршил по вербална расправија во дневната соба во домот на оштетениот. Потоа во период од неколку дена презел повеќе дејствија за да го прикрие делото и да уништи трагите – ја избришал крвта од подот и предметите, а телото го пренел во помошна просторија во дворот на куќата, каде го закопал и го покрил со шперплоча и други предмети“, соопшти Обвинителството.
Од Министерството за внатрени работи (МВР) соопштија дека вчера нивната сестра В. О.(44) во 11 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И. И. додека, во 13 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
„Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И. И.. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С. И.., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото“, соопшти МВР.
Поради опасноста да се даде во бегство, но и да преземе и дополнителни дејствија за уништување на трагите, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.