Директорите на Македонска навигација (М-НАВ) не ја пуштиле контролорката на летање, делегирана од Синдикатот на контролори на летање, да присуствува ни при интервјуата со кандидатите на повторениот оглас за вработувања на непотребни места за почетни плати од над 1.000 евра.
Ѝ кажале дека ако сака, може само да наслушнува пред вратата на канцеларијата каде двајца од тројцата директори разговарале со кандидатите и ексклузивно бирале кој ќе биде вработен.
Ова ни го потврди вчера самиот директор на М-НАВ Владимир Ристески кого го прашавме дали како и при првиот оглас во јули, директорите повторно го повредија Колективниот договор поради што Синдикатот ги пријави во Трудовата инспекција.
„Почитувана, денес 6 август се правеа интервјуа со кандидатите апликанти за огласите. Истото се правеше и во понеделникот. Никој никого не филтрира позади затворени врати. На синдикатите им е објаснето дека може да присуствуваат во просторијата пред канцеларијата каде се одвиваат интервјуата, со цел да видат дека процесот се одвива согласно записникот од комисијата. Не е дозволено присуство во просторијата каде се прават интервјуата затоа што кандидатите при интервјуто може да изнесат лични информации. Кон сите кандидати имаме исти стандарди и принципи при интервјуирање“, ни одговори Ристески.
Во првиот наврат на овој оглас за вдомување на партиски кадри, по интервјуирањето зад затворени врати без задолжителното присуство на претставник од Синдикатот, беа примени: потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, сопругот на директорката на Централниот регистер, која е од ВМРО-ДПМНЕ, сопруга на осуден за организираниот напад на Собранието на 27 април и други.
- АРХИВАРКА ОД КАВАДАРЦИ Е НА ОДМОР, ПА ТРУДОВИОТ ИНСПЕКТОРАТ НЕ МОЖЕ ДА ПОСТАПИ ПО БАРАЊЕТО НА СИНДИКАТОТ ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ОГЛАСОТ СО ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА ВО М-НАВ ОД СКОПЈЕ
- СОПРУГОТ НА ДИРЕКТОРКАТА НА ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УМС НА ВМРО-ДПМНЕ И СОПРУГАТА НА ПОЧИНАТИОТ ИГОР ЈУГ ИЗБРАНИ НА ОГЛАСОТ НА М-НАВ, ПОРАДИ КОЈ ЌЕ ШТРАЈКУВАА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ
- НАМЕСТО КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ М-НАВ ЗА СЕКОЈ ДИРЕКТОР ЌЕ ВРАБОТУВА СОВЕТНИЦИ И ЌЕ ПРИМА СРЕДНИСТИ СО ПОЧЕТНА ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА
Неофицијалните информации беа дека бидејќи другите кандидати ја немале потребната документација, односно не исполнувале услови, на 16 јули беше реобјавен дел од огласот од 9 јули, само за тие места кои за малку ќе им ги зеле други кандидати без партиски врски. Еден од кандидатите бил одбиен оти не знаел англиски јазик.
Реобјавениот оглас на кој повторно немаше контролори на летање за да видат дали навистина избраните кандидати се тие најдобрите, или се со партиски врски, е за три места (две со средно и едно место „советник“, со високо образование).
Сега ќе се примаат: „оператор за трансмисија на податоци и авторизација и надзор на летови“, за работно место „студент ВИ“ и за работното место „самостоен советник“, за кои Синдикатот на контролори на летање веќе реагираше дека се тотално измислени и непотребни места во М-НАВ, додека во исто време фалат контролори на летање, инженери, метеоролози и други дефицитарни кадри, поврзани со дејноста на Македонска навигација и со безбедноста на патниците кои летаат кон, од и преку Македонија.
Синдикатот најавува дека и ова кршење на Колективниот договор ќе го пријават во Трудовата инспекција и ќе бараат огласот да се поништи.
„Прво со електронска пошта директорите побараа од Синдикатот претставник, или претставничка кои би присуствувале на интервуата за реобјавениот оглас за трите места што не се пополнија првиот пат со тие што треба. Кога отиде колешката, директорот Фатмир Зимбери ѝ кажал дека нема да може да влезе внатре и да го набљудува процесот. Се јави во Синдикатот, ѝ рековме да не седи пред врата, да си замине“, ни рече Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролорите на летање.
С. К. ДЕЛЕВСКА