Во електронскиот систем „Мој термин“ од април навака се евидентираат здравствените прегледи за општа здравствена способност, за засновање работен однос, за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, како и прегледи за здравствена состојба за поседување и носење оружје, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Тој со Жаклина Чагороска од „Мој термин“ и д-р Драгана Бислимовска од Институтот за медицина го претставија новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на трудот. Модулот е изработен од Управата за електронско здравство во соработка со Здружението на лекари специјалисти по медицина на труд и Институтот за медицина на трудот.
„Модулот овозможува електронска евиденција на здравствените прегледи кои досега се спроведуваа исклучиво на хартија, со што се прави значителен исчекор кон целосна дигитализација на здравствените услуги во оваа област. Овој модул претставува значаен напредок во дигитализацијата и модернизацијата на здравствените системи, кој носи конкретни придобивки за сите граѓани, работодавачи и здравствени работници во нашата држава. Во системот електронски се евидентираат здравствените прегледи за општа здравствена способност, за засновање работен однос, за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, како и прегледи за здравствена состојба за поседување и носење оружје“, кажа Алиу.
Министерот рече дека станува збор за прва електронска евиденција од ваков тип во националниот систем „Мој термин“, со што се овозможува електронски запис за издавање на лекарски уверенија и следење анализи и податоци во реално време.
Б. НЕСТОРОСКА