ИАКО НАЈАВИЈА, ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН И ЗНАМ ДО ИЗБОРИ НЕ ГИ ВРАТИЈА ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ПОГОЛЕМИТЕ КАЗНИ ЗА КОРУПЦИЈА, ИЗБРИШАНИ ОД СДСМ И ДУИ

    ИАКО НАЈАВИЈА, ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН И ЗНАМ ДО ИЗБОРИ НЕ ГИ ВРАТИЈА ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ПОГОЛЕМИТЕ КАЗНИ ЗА КОРУПЦИЈА, ИЗБРИШАНИ ОД СДСМ И ДУИСобранискиот спикер Африм Гаши на брифинг со новинарите самиот кажа оти од Владата му е најавено дека се праќа Кривичниот законик со сработените измени, за да се донесе до изборите. (Фото: СДК.МК)

    Новиот Кривичен законик (КЗ) со кој треба да се вратат високите казни за корупција, Владата не го поднесе до Собранието пред изборите, иако собранискиот спикер Африм Гаши на брифинг со новинарите самиот кажа оти од Владата му е најавено дека се праќа Кривичниот законик со сработените измени, за да се донесе до изборите.

    Владата и пратениците отидоа на одмор, новиот Кривичен законик не стаса до Собранието. Гаши вчера ги распиша локалните избори за 19 октомври.

    Поставивме прашање до кабинетот на министерот за правда Игор Филков – кога до Парламентот ќе биде поднесен новиот КЗ што тој го вети веднаш кога дојде на власт, пред повеќе од една година.

    „Измените на Кривичниот законик ќе се најдат пред пратениците по изборите“, ни одговорија од неговиот кабинет, што е различно од она што го кажа Гаши пред две недели.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, Државниот обвинител Љупчо Коцевски и Јавниот обвинител за организиран криминал и корупција на неодамнешниот брифинг во ОЈО за организиран криминал за Кривичниот законик одговорија:

    „Пишувајте, апелирајте измените да се донесат побрзо. Зашто вака можеме кривично да гониме само од 2020 година навака. За сè што е откриен и пријавен криминал случен пред 2020 година, и да отвориме истрага набргу ќе застаре поради овие норми донесени во 2023 година“, рекоа Коцевски и Абази.

    Уставниот суд на 12 февруари со мнозинство од гласовите на тогаш деветте судии, одлучи да поведе постапка за уставноста на измените на Кривичниот законик, со кои во 2023 година се изврши упад во судството за да се ослободат од обвиненија за корупција поранешни функционери.

    Пред да ги укине или поништи измените, Уставниот суд прво му испрати извештај на Собранието дека има сомнеж во уставноста на законот. Судот му даде на Собранието рок да интервенира и да ги смени спорните одредби, односно за 6 месеци да ги врати избришаните казни за корупција, со кои застареа сите предмети на поранешното СЈО, а обвинетите беа амнестирани и граѓаните им исплаќаат сега стотици и стотици илјади евра за адвокатски трошоци.

    Во случај Владата и Собранието да не го стори тоа, во Уставниот суд требаше да се направи реферат за укинување или поништување на тие одредби, или на целиот закон за изменување на Кривичниот законик, кој се донесе на трети септември 2023 година.

    Судија-известител за овој предмет беше Елизабета Дуковска, која Управниот суд со спорна одлука ја тргна од Уставниот суд.

    Уставниот суд во меѓувреме заборави дека повел одлука против спорните измени со кои се амнестираше корупцијата сторена во 11-те години владеење на избеганиот Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

    На 6 септември 2023, преку ноќ и по брза постапка (со европско знаменце), беа предложени и усвоени измени на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната е намалена на една до пет години затвор. Тоа значи дека предметите за злоупотреба на функцијата сега ќе застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.

    Ставот 5, кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените е избришан и веќе не постои. Измените стапија на сила на 15 септември 2023.

    Со намалувањето на казните за Злоупотреба на службената положба и овластувањата и за кривичното дело злосторничко здружување, за кои беа обвинети или осудени ексфункционерите од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се ослободува веднаш од пресудата од 9 години затвор во предметот „ТНТ“ каде од политичка одмазда урива комплекс „Космос“, како и од обвинението за криминал со кинеските автопати, познато како „Траекторија”.

    Со измените, каде затворските казни за овие кривични дела значително се менуваат, веднаш се прекина и кривичното гонење на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев за кинеските автобуси, потоа на Сашо Мијалков во „Тврдина-Таргет”, а најверојатно и во „Трезор” за кои апелационите судии Енвер Беџети и Лирије Елези со чување во фиока се погрижија да помогнат во истекот на време, т.е. во застарувањето. Натаму, Миле Јанакиески и сообвинетите или другите осудени, се ослободуваат од случаите „Топлик” и „ТНТ”. Во суд веќе не мора да одат ни пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, ни Љупчо Димовски од Социјалистичка партија, партнерка на ВМРО-ДПМНЕ. Милошоски и татко му на раат ќе си располагаат со општинската зграда за која беа обвинети дека незаконски ја присвоиле за себе. Се спасуваат и други обвинети и осудени ексфункционери за злоупотреби, бидејќи во нашиот правен систем, секогаш важи поблагиот закон за обвинетите или осудените.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира