Премиерот Христијан Мицкоски најави дека претставници од Министерството за правда ќе се сретнат со правни експерти кои укажуваат дека учеството на независни кандидати на избори не може да се регулира со подзаконски акт на Државната изборна комисија (ДИК). По средбата, како што рече, ќе се преземат чекори кои ќе бидат во рамките на законите.
„Министерството за правда ќе има состанок со дел од тие експерти, чекаме да видиме што мислат и да повлечеме таков потег, инаку ќе се постапи секако според закон. Нема да се постапува надвор од закон“, изјави премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Клиниката за урологија.
Проблемот настана откако ДИК во саботата го стави вон сила Упатството за собирање потписи, по одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите 61 и 62 од Изборниот законик. Со тие членови беше дефиниран потребниот број на потписи за предлагање на независни кандидатски листи.
Мицкоски вчера кажа дека ставањето вон сила на упатството не го нарушува изборниот процес и дека ДИК има законска обврска да донесе ново.
Тој вели дека новиот изборен законик, кој го решава ова прашање, е подготвен и веќе неколку месеци е во собраниска процедура, но е блокиран од една опозициска партија. Според него, причина за блокадата е барањето нивниот член во ДИК да има право на вето врз одлуките на комисијата и на општинските изборни одбори, што, како што нагласи, е единствен таков пример во светот.
„Со други зборови не сакаат да се донесе овој изборен законик. Но, доколку постои политичка волја, ние како владина коалиција сме апсолутно подготвени утре да се стави оваа точка на дневен ред и да се заврши со тоа“, изјави вчера Мицкоски.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, на 9 август ги распиша локалните избори, што ќе се одржат на 19 октомври. Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, согласно член 16 став 1 од Изборниот законик. Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.
Минатата недела, граѓанските иницијативи почнаа да собираат потписи за формирање на партии откако партиите од власта и опозицијата здружено ги спречија да настапуваат на изборите како граѓански иницијативи. За да се формира партија потребни се 1.000 потписи од целата територија на државата.
Тие вчера рекоа дека и покрај оваа одлука на ДИК, продолжуваат со собирање потписи оти останува неизвесноста.