Седумдесет и пет филмови ќе се прикажат на 16. издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, кој ќе се одржи од 21 до 28 август. Фестивалската програма е распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, Младинскиот културен центар (МКЦ) и „Лабораториум“ во Скопје. Мотото на годинашното издание е „Кому му е гајле за реалноста?“, а се очекуваат околу 100 гости од странство.
Програмата е поделена во шест категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус: Австрија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади. На отворањето на фестивалот на 21 август ќе бидат прикажани краткиот филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот филм „Само на земјата“ на Робин Петре. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ концерт ќе одржи гитаристот Мухамед Ибрахими.
Земја во фокус е Австрија.
„Бидејќи живееме во свет каде вистината се менува побрзо од нашата способност да ја сфатиме, и каде е тенка границата меѓу фактите и фикцијата, потребата да гледаме внимателно, креативно, критички и со грижа, никогаш не била поголема. Документарните филмови што ќе бидат прикажани на фестивалот отвораат прашања, нè соочуваат со низа социјални, културни, еколошки предизвици и ни покажуваат како други луѓе – од крв и месо како самите нас – се справуваат со овој свет во кој се чини дека ништо не мирува“, рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
На фестивалот ќе има македонски премиери на повеќе филмови, меѓу кои се „Планината не оди никаде“ на режисерката Петра Селишкар, „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, како и кратките филмови „Антигона“ на режисерите Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов, „Пејзажот на човековата суштина“ на чешката авторка Јана Хунтерова направен во соработка со „Арт-поинт Гумно“, „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски, ќе се одржат премиери и на новите филмови произлезени од школата „Докуникулци“, а специјална проекција ќе има филмот „Вода и оган“ на мултимедијалниот уметник Киро Урдин.
Традиционално на фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет. Членови на жиријата се Марк Едвардс, Џејмс Берклаз-Луис и Маргарита Арсова за наградата „Кромид“, Вардан Тозија, Трулс Лие и Мара Прохаска Марковиќ за наградата „Млад кромид“, Памела Кон, Игор Прасел и Габриела Даниелс за наградата „Сечкан кромид“, Дина Покрајац, Танос Ставропулос и Неда Миланова за наградата „Кокарче“, Морин Принс, Мира Гаќина и Капка Касабова за Наградата за најдобри етички идеи.
На отворањето на фестивалот на 21 август во Куршумли ан ќе биде поставена изложба на фотографии од Томислав Георгиев кои произлегоа од Патувачкото кино на МакеДокс во Кочани. На 26 август во Сули-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од Киро Урдин создадени во Долината Омо во Африка, која ќе биде проследена со специјална проекција на неговиот документарен филм „Вода и оган“.