Куманово го доби првиот независен кандидат за градоначалник, откако Горан Стојковски-Диро синоќа официјално ја претстави својата кандидатура, како и советничката листа на граѓанската иницијатива „Ред за Куманово“. Симболично, промоцијата се одржа пред градскиот часовник кој, како што рече Стојковски, „веќе 20 години не работи и е симбол на застојот и хаосот во кој живее Куманово“.
Стојковски по професија е правник и работи во Секторот за урбанизам во Општина Куманово, два мандата беше директор на ЈП „Водовод“, откако дојде од приватната фирма.
Тој кажа дека независната листа не е само реакција на неуспехот на политичките партии, туку визија за нов модел на управување со градот.
„Затоа сме овде – како независен кандидат и независна листа, решени да поставиме критериуми и стандарди преку кои ќе помогнеме да еволуираат и партиите и поединците. Ќе се осврнеме на основниот ресурс – луѓето. Тоа се квалитетни, компетентни и професионални личности кои своите способности ќе ги стават во функција на граѓаните“, рече тој.
Програмата на „Ред за Куманово“ се темели на пет столбови: чисто, уредно, функционално, безбедно и живо Куманово. Предвидува решенија за најголемите проблеми: хигиената и управување со отпадот, нови паркинзи и велосипедски патеки, подобар јавен превоз, намалување на сообраќајниот метеж, канализациски системи, како и поддршка за уметноста, културата и спортот.
„Нашата визија е чисто и функционално Куманово, град кој нуди можност за младите и е достоен за сите жители. Нема да ветуваме – ќе работиме четири години граѓаните да почувствуваат промена“, изјави Стојковски.
На прашањето на кои гласови смета, со оглед на тоа што дел од тимот се поранешни членови на политичките партии СДСМ и ЗНАМ, Стојковски одговори дека тие се лојални на идејата и на граѓаните, а не на партијата.
„Никој од нас нема лојалност кон партиската апаратура и бирократија. Тоа што сме биле по партии, значи дека сме се обидувале преку институционалниот систем да направиме промена. Но видовме дека партиите не можат тоа да ни го испорачаат. Затоа, сакаме градот да го менаџираат луѓе кои се докажале во својата професија. Типуваме на гласовите на секој кумановец кој сака ред и својата иднина ја гледа тука.“
Стојковски е третиот кандидат за градоначалник на Куманово кој ја најави својата кандидатура, по партиските кандидати Максим Димитриевски од ЗНАМ и Мартин Костовски од СДСМ, а засега е прв независен кандидат.
Првиот круг на Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.
С. НИКОЛИЌ