ВО СКОПСКИОТ СТАНБЕН КОМПЛЕКС „ТРЕСКА“ СО 11 ЗГРАДИ ЌЕ СЕ ВЛЕГУВА ПРЕКУ ТЕСНИТЕ УЛИЦИ „ВЛАДИМИР ПОЛЕЖАНОВСКИ“ И „РУЗВЕЛТОВА“, МВР НЕ ДАДЕ ДОЗВОЛА ЗА ИЗЛЕЗ НА БУЛЕВАРОТ „ТЕОДОСИЈ ГОЛОГАНОВ“

ВО СКОПСКИОТ СТАНБЕН КОМПЛЕКС „ТРЕСКА“ СО 11 ЗГРАДИ ЌЕ СЕ ВЛЕГУВА ПРЕКУ ТЕСНИТЕ УЛИЦИ „ВЛАДИМИР ПОЛЕЖАНОВСКИ“ И „РУЗВЕЛТОВА“, МВР НЕ ДАДЕ ДОЗВОЛА ЗА ИЗЛЕЗ НА БУЛЕВАРОТ „ТЕОДОСИЈ ГОЛОГАНОВ“Досега за станбениот комплекс „Треска“ Општина Центар издаде 11 одобренија за градба. (Фото: СДК.МК)

Во кругот на фабриката „Треска“ во Скопје на големо се градат таканаречените згради-наполитанки, за кои дозволите за градба ги издаде градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. На дел од зградите веќе се прават и фасадите, а становите се огласени на продажба и се рекламираат како луксузен комплекс во центарот на градот. Градинка ќе нема во комплексот.

На нашето прашање од Општина Центар одговорија дека досега се издадени 11 правосилни одобренија за градење.

САКАМДАКАЖАМ.МК праша и каков ќе биде сообраќајниот режим за влез и излез во комплексот. Од кабинетот на градоначалникот Герасимовски ни одгорија да го прочитаме Деталниот урбанистички план (ДУП).

„Сообраќајното решение за влез и излез на новите станари, како и изградбата на нови улици во комплексот ‘Треска’, се предвидени согласно важечкиот Детален урбанистички план“, ни рекоа од Општина Центар.

Според важечкиот Детален урбанистички план, за овој дел пристапот се предвидува ќе биде преку улицата Владимир Полежановски, која е тесна и во моментов на неа едвај се разминуваат две коли, а метежот ќе се зголеми со возилата на новите станари. Исто така е предвидено да се продолжи улицата Борка Талески односно таа да минува низ комплескот „Треска“ и да излегува на улицата Рузвелтова.

Излез од зградите ќе нема на булеварот Теодосиј Гологанов. Од Општина Центар побарале да се пробие улица која ќе излегува на Теодосиј Гологанов, за што добиле согласност и од Град Скопје, но тоа сообраќајно решение било одбиено од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Почетокот на изградбата на првата зграда во „Треска“ почна во 2023 година во првиот мандат на градоначалникот Герасимовски и со тоа стартуваше бетонизацијата на последниот слободен простор во центарот на Скопје. Лошиот план за просторот на поранешната фабрика „Треска“ беше  донесен во време на ВМРО-ДПМНЕ, во мандат на Владимир Тодоровиќ. Со доаѓањето на власт на СДСМ во 2017, тогашниот градоначалник Саша Богдановиќ заедно со Асоцијацијата на архитекти на Македонија распишаа конкурс за хумано уредување на просторот. На конкурсот стигнаа три идејни решенија кои предвидуваа во „Треска“ да има згради, но со полуотворен концепт, градинка и зеленило. Но, во 2021 година кандидат за градоначалник на Општина Центар на СДСМ беше Горан Герасимовски, кој победи на изборите. Тој го поништи конкурсот велејќи дека е незаконски и дека не може на сопствениците на земјиштето да им се забрани да дооформуваат парцели и да бараат градежни дозволи. Набрзо потоа почнаа постапките за продажба на државно земјиште за дооформување на парцелите и издавање на градежни дозволи за зградите.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира