ЗГРАДИ, ДЕЛОВЕН ОБЈЕКТ, ГРАДИНКА И ПАРК ПРЕДВИДУВА ПРВОНАГРАДЕНОТО РЕШЕНИЕ ЗА ПРОСТОРОТ КАЈ ФАБРИКА „ТРЕСКА“ ВО ЦЕНТАР

    ЗГРАДИ, ДЕЛОВЕН ОБЈЕКТ, ГРАДИНКА И ПАРК ПРЕДВИДУВА ПРВОНАГРАДЕНОТО РЕШЕНИЕ ЗА ПРОСТОРОТ КАЈ ФАБРИКА „ТРЕСКА“ ВО ЦЕНТАРСпоред Комисијата за избор на идејното решение, само едно решение во голем дел ја почитува зададена  регулација, како и односот кон контактните подрачја, нуди соодветни предуслови за понатамошна разработка.(Фото: СДк.МК)

    На конкурсот кој Општина Центар го распиша за уредување на просторот кај поранешна фабрика „Треска“ стигнале три идејни решение. Сите идејни решенија меѓу останатите содржини имаат вцртано и маркички за згради и деловен објект, што всушност се бараше во насоките на конкурсот кога беше распишан.

    Според Комисијата за избор на идејното решение која е составена од претставници на Асоцијацијата на архитекти, Архитектонскиот факултет, Град Скопје, Општина Центар и здружението „Плоштад слобода“, само едно решение во голем дел ја почитува зададена регулација, како и односот кон контактните подрачја, нуди соодветни предуслови за понатамошна разработка.

    Автори на тој, првонаграден труд се група автори, Јован Ивановски, Паолина Милушева, Теа Дамјановска, Мхајло Стојановски, Билјана Темелковска и  Маја Јанковска

    Со конкурсното решение се предлага просторен концепт оформен од пет полуотворени станбени блокови, со намена А2, отворени кон централниот парковски простор со комбинирана  катност од приземји плус 4 ката до приземје плус 8 ката, лоцирани долж улицата Рузвелтова. Централно поставен парк подолжно во правец север-југ како и станбени низови со катност приземје плус 3 ката и приземје плус 4 ката долж улицата Адолф Циборовски. Целиот комплекс е дооформен со деловниот комплекс лоциран на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов. Со самата форма на блоковите оформени се интимни дворови за станарите и истите се поплочани и озеленети и сите се ориентирани кон централниот парк. Помеѓу блоковите предвидени се отворени врски помеѓу централниот јавен парковски простор и улицата Рузвелтова со што истата пешачки се интегрира во комплексот. Парковското зеленило е со повеќе намени за одмор и рекреација. Во продолжение на паркот, кон улица Владимир Положановски лоцирана е детска градинка која е вклопена  во целокупниот амбиент.

    „Вака оформен и компактен, јасно препознатлив јавен простор, со повеќенаменски содржини со зеленило и простор за одмор, спорт и рекреација, со својот волумен и просторна диспозиција лесно е достапен на жителите на новооформениот комплекс како и на жителите на контактните подрачја Буњаковец, Тафталиџе и Капиштец. Станбените низови, лоцирани долж улицата Адолф Цибороровски, се со пониска катност и со друга типологија на станови кои нудат повисок стандард на живеење. Поставката на деловниот комплекс на улицата Теодосиј Гологанов е транспарентен и нуди лесен пристап кон централниот простор. Сообраќајното решение и во однос на колскиот и пешачкиот сообраќај е коректно решено со услови на непречено движење и добри врски со околните сообраќајници.  Параметрите зададени со проектната програма, во однос на домувањето и деловната намена се оптимално задоволени. Со поголема смелост и иновативност во креирање на поединечните архитектонски целини, предложениот труд можеше да биде и повисоко рангиран“, се вели во образложението на Комисијата за првонаграденото решение.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира