ГЕРАСИМОВСКИ НЕ ГО ИНТЕРЕСИРА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС ТУКУ ИНТЕРЕСИТЕ НА ГРАДЕЖНИ ФИРМИ, ВЕЛАТ ОД „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“ ЗА ГРАДЕЊЕТО ВО „ТРЕСКА“

    ГЕРАСИМОВСКИ НЕ ГО ИНТЕРЕСИРА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС ТУКУ ИНТЕРЕСИТЕ НА ГРАДЕЖНИ ФИРМИ, ВЕЛАТ ОД „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“ ЗА ГРАДЕЊЕТО ВО „ТРЕСКА“Од „Шанса за Центар“ рекоа дека Герасимовски се става над прописите и законите и своеволно одлучува да не ги спроведува одлуките на Советот на Општината. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги крши одлуките и прописите и работи спротивно на сопствените предизборни ветувања за просторот на фабриката „Треска“, велат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. Откако САКАМДАКАЖАМ.МК минатата недела објави дека почна распродажбата на државното земјиште во кругот на фабриката, од „Шанса за Центар“ велат дека со тоа се оди кон „бетонизација“ наместо урбанизација на „Треска“.

    „Деновиве се објави дека се издадени првите одобренија за продажба на државно земјиште во комплексот ‘Треска‘. Со тоа се дооформуваат парцели што е чекор пред издавање на градежни дозволи. Потсетуваме дека 47% од целокупното земјиште на таа локација е државно. Тоа значи дека ќе се гради според незаконскиот план скандалозно донесен во 2012 година. Со тоа се распрсна уште едно предизборно ветување на СДСМ, кога при промената на власта во 2017 година со сите сили застанаа против тој незаконски план и ветија дека ќе се поништи“, рекоа од „Шанса за Центар“.

    Иако за „Треска“ по барање на стручната јавност и граѓаните беше распишан конкурс за избор на решение што и како да се гради, Герасимовски не ги ферма пристигнатите решенија. Не го спроведува конкурсот и со тоа градежни дозволи во иднина ќе издава според стариот Детален урбанистички план со кој се планира целосна бетонизација на просторот со над 30-тина згради.

    „Горан Герасимовски е над прописите и законите и своеволно одлучува да не ги спроведува одлуките на Советот на Општината – како што е вклопување на конкурсот во ново урбанистичко решение за локалитетот на фабриката ‘Треска’. Ги игнорира, како да не постојат, докажаните и утврдени недоследности од планот наведени во Елаборатите за Суспензија, изготвени токму од стручна комисија за урбанизам од Општината која ја раководи. Ветувањата од предизборната програма, како да не ги дал или биле само за еднократна употреба додека се добие власта, а потоа како да не постоеле. Ќе остане запаметен и како човек кој го продаде државното земјиште во ‘Треска’ кое можеше да се искористи за јавна намена – од детски градинки, игралишта и зеленило, до места за трафостаници и контејнери или друг јавен простор. Со овој чекор, трајно се запечатува можноста за поинакво решение на тој последен слободен простор во центарот, кој да потсетиме, скоро 50% е на граѓаните“, велат од „Шанса за Центар“

    Од граѓанската иницијатива го прашуваат Герасимовски зошто јавниот интерес целосно се игнорира за сметка на приватните интереси на градежни фирми и поединци со влијание?

    Од Општина Центар велат дека на прес-коференцијата на „Шанса за Центар“ биле кажале лаги и клевети. Велат дека од 47% државно земјиште во „Треска“ само 10% ќе се продаде на градежниците, а останатото ќе биде за јавни намени.

    „Новото раководство на Општина Центар преку Град Скопје поведе постапка за донесување на регулациски план за ДУП Градска четврт З11, локалитети Буњаковец 1 и 2. Сѐ до носењето на ваквиот регулациски план, Општината ниту може законски, ниту пак има надлежност да стопира правни постапки на сопствениците. За тоа кривично се одговара. Дали Јана Белчева и ‘Шанса за Центар‘ ќе ги плаќаат пеналите за евентуалното непостапување?“, се вели во соопштението на Општина Центар.

    Во реакцијата од кабинетот на Герасимовски се вели и дека конкурсот за „Треска“ е незаконски и не може да се спроведе.

    На 22 февруари лани, Герасимовски ијави дека просторот кај „Треска“ ќе се уредува заедно со ДУП за Буњаковец 1и 2, а не како посебна целина. Тогаш кажа дека не се знае и дали ќе се земат предвид решенијата од конкурсот за тоа што да се гради на просторот, кој по притисок на граѓанските организации, професори и архитекти во 2021 беше распишан од Општина Центар. Општината го раскина договорот со планерската куќа „Инпума“ и бараше нов планер кој треба да го направи планот. Дотогаш ако некој побара дозвола за градба, Општината ќе мора да ја даде според стариот план кој предвидува цели блокови згради.

    „Пробиени се сите рокови, а план не е направен. Новата планерска куќа ќе треба да предвиди решенија и за просторот кај ‘Треска‘. Не може тоа посебно да се прави, како што некој мислел. Дали нешто ќе биде применето од конкурсот ќе видиме, тоа треба да го кажат правниците, со оглед дека таму е приватно земјиште и не можеме да спречиме луѓето да дооформуваат парцели и да бараат да градат. Конкурсот кој беше спроведен е скапа анкета за слушање стручно мислење. Изминативе 4 години некој проблемите ги ставал под тепих за да се купи време“, кажа лани градоначалникот Герасимовски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира