Нови судири помеѓу антивладините демонстранти и полицијата избија синоќа во Србија, кога повторно беа запалени простории на владејачката Српска напредна партија (СНС). Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ кажа дека имало драстично нарушување на јавниот ред и мир, брутални напади врз полицијата, демолирања и палежи, при што се уапсени 56 лица, а шест полицајци се повредени.
„Најмногу инциденти имаше во Ваљево, Белград и Нови Сад, но јавен ред е воспоставен во трите града“, изјави Дачиќ.
Најжестоко беше во Ваљево, каде што имаше бројни инциденти, при што се демолирани просториите на СНС и оштетени се згради на државни институции. Полицијата употреби шок-бомби и солзавец против мала група маскирани лица кои фрлаа пиротехника кон празните простории на СНС, каде што избувна пожар, кој брзо беше изгаснат.
Српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека протестите во Србија стигнале до „фаза на тепање“.
„Маските паднаа. Нервозата и хистеријата им се сѐ поголеми, а насилството сѐ поизразено зашто немаат што друго да понудат. Доаѓа времето на одговорност и сите овие кои палеа и уриваа ќе одговараат и ќе бидат казнети за своите злосторства“, кажа Вучиќ на Инстаграм.
Повеќемесечните протести против корупција, предводени од студентите, беа главно мирни до минатата среда, кога избија првите судири помеѓу демонстрантите и поддржувачите на Вучиќ, кој продолжува да обвинува неименувани странски сили за ситуацијата во Србија.
Руското министерство за надворешни работи му ја понуди својата поддршка на Вучиќ.
„Не можеме да останеме имуни на она што се случува во братската Србија. Полицијата користи законски методи и средства за да ги сопре насилните толпи, додека јавниот ред, безбедноста и човечките животи се во опасност“, објави министерството.