Спасувачите ја продолжија потрагата по над 150 лица кои сè уште се водат како исчезнати во северозападен Пакистан, откако неколкудневните поројни дождови предизвикаа ненадејни поплави во кои загинаа над 270 луѓе. Висок политичар ги обвини локалните жители за високиот број на жртви, велејќи дека луѓето требало да ги изградат своите домови на друго место.
Бројот на жртви во планинскиот округ Бунер во покраината Кибер Пахтунхва денеска достигна 277, откако спасувачите пронајдоа уште три тела, изјави портпаролот на службите за итни случаи. Според него, операциите за пребарување се проширени на оддалечени области за да се пронајдат жителите однесени од поплавите што ја погодија покраината во петокот. Армијата распореди инженери и тешка механизација за расчистување на урнатините.
Селаните ги обвинија службениците дека не им кажале да се евакуираат пред поплавите и лизгањето на земјиштето. Немаше предупредување од звучниците на џамиите, традиционален метод за алармирање во итни случаи во оддалечените области.
Сепак, владата инсистира дека иако бил воспоставен систем за рано предупредување, ненадејните поројни дождови биле толку интензивни што поплавата се случила пред жителите да можат да бидат информирани.