Црквата стара 113 години на далечниот север од Шведска пристигна на нова локација по дводневно патување. Црквата во Кируна беше во опасност од слегнување на земјата, по повеќе од еден век рударство на железна руда во стариот градски центар. Ова се случува затоа што најголемиот подземен рудник за железна руда во светот се заканува да го проголта градот. Подигната на огромни приколки, црквата беше преместена 5 км вдолж патот со максимална брзина од 500 метри на час. Инженерите ги отстранија столбовите за осветлување и семафорите од патиштата за да ја преместат во едно парче црквата од 672 тони.
Преместувањето привлече големи толпи во градот, кој се наоѓа 145 км северно од Арктичкиот круг. Еден стратег за култура рече: „Како историјата да се одвива пред нашите очи“.
Во 2001, шведскиот народ ја изгласа дрвената црква за „најдобра градба на сите времиња, изградена пред 1950 година“ во анкета поврзана со Министерството за култура. Изградена на рид за верниците да можат да го гледаат градот Кируна, шведската лутеранска црква е дизајнирана да го имитира домородниот стил Сами како подарок од ЛКАБ, државната рударска компанија.
Во Кируна има 23.ооо жители, меѓи кои и членовите на домородното население Сами, распослани на речиси 19.500 квадратни километри. Самиот рудник Кируна датира од 1910, а црквата е завршена во 1912. Нејзината неоготска надворешност се смета за најкарактеристична градба во градот, а туристите редовно патувале таму пред да биде затворена пред една година за да се подготват за преместувањето. Планирано е повторно да се отвори на новата локација кон крајот на 2026.
Црквата го започна своето патување со благослов од викарот Лена Тјернберг, и епископот Аса Нистрем од епархијата Лулео. И покрај тоа што успеа да помине само 30 метри во првиот час, големи толпи луѓе се собраа по улиците за да го видат преместувањето. Патувањето заврши денеска попладне.
Преместување се претвори во дводневен, високо кореографиран спектакл, организиран од ЛКАБ и со обраќање на шведскиот крал Карл Шеснаесетти Густав. Во музичките изведби беше и сет од KAJ, претставникот на Шведска на Евровизија 2025, кој беше фаворит на обложувалниците за победа на овогодинешниот натпревар. СВТ, националниот радиодифузер на Шведска, го емитуваше во живо и го најави како „Големата црковна прошетка“ како референца на успехот со пролетната емисија „Големата миграција на лосови“ што воодушевува милиони гледачи секоја година од 2019.
Познат и по полноќното сонце и по северната светлина, Кируна и околината се главна атракција преку целата година за посетителите на шведска Лапонија. Регионот, исто така, ги има и станицата Аурора скај, ледениот хотел и Кебнекаисе, највисоката планина во нордиската земја.