Потребна е јасна координација и одговорност, бидејќи наша обврска е до 1 февруари 2026 заедно со Албанија да доставиме извешај за напредокот во заштитата на Охридскиот Регион. Ова е предизвик, но и можност да се покаже дека кога се работи за национален интерес можеме обединето и заедно да делуваме. Наша должност е да го зачуваме Охридскиот регион за идните генерации, не само како наследство на УНЕСКО, туку и како дел од нашата културна и природна меморија и иденитет, рече денеска во Охрид министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
На третата седница на Националната комисија за УНЕСКО надлежните разговараа за проблемите, забелешките и препораките од УНЕСКО, како и за следните чекори за зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Заклучија дека е потребна брза интервенција во сите сегменти откако Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 47 сесија што се одржа во јули во Париз донесе одлука со која на Македонија и Албанија им се даде дополнително една година за спроведување на корективни мерки.
- УНЕСКО ГИ ИЗНЕВЕРИ СОПСТВЕНИТЕ ПРИНЦИПИ И ГО НАГРАДИ НЕПОЧИТУВАЊЕТО НА КОНВЕНЦИЈАТА ЗА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО, ОБВИНУВААТ 40 ОРГАНИЗАЦИИ ОТКАКО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН НЕ БЕШЕ СТАВЕН НА ЛИСТАТА ВО ОПАСНОСТ
- ОХРИД ДОБИ УШТЕ ЕДНА ГОДИНА ДА СЕ СПАСИ ОД СТАВАЊЕ НА ЛИСТАТА НА УНЕСКО НА ЗАГРОЗЕНИ СВЕТСКИ НАСЛЕДСТВА
„Сакам да се заблагодарам на дипломатската офанзива којашто ја имавме во тој период и благодарение на тоа заедничко интензивно делување успеавме да обезбедиме простор и време да се реализираат понатаму потребните активности. Но, се разбира дека овој временски период кој што ни е даден не смееме да го сфатиме како некое одложување, туку како обврска и многу брза и забрзана акција и од таа причина почнавме да работиме многу брзо“, рече Љутков кој е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО.
Љутков кажа дека по одлуката на Комисијата на УНЕСКО на седницата во јули донесени биле заклучоци кои се во постапка на имплементација, а Министерството за култура и туризам активно учествувало со свои претставници во сите работни групи.
„На таа седница во јуни Владата ги задолжи Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за култура и туризам, општините Охрид, Струга и Дебарца во наредниот период да подготват и да достават до Владата Предлог закон за изменување на Законот за управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот регион, да се разгледа планот за справување со светско природно и културно наследство особено во делот на урбанизација и бесправно изградени објекти и да се предложи изменување и соодветни законски и други акти, интензивно да се работи на спроведување на препораките од Извештајот за УНЕСКО“, вели Љутков.
На денешниот состанок се предвиди временска рамка за реализација на сите предвидени активности оти, како што рече Љутков, Охрид е наша гордост, но и наша обврска и затоа секој ќе мора да си превземе одговорност во овој процес.
Според министерот за култура и туризам долго време немало меѓуинституционална координација, помеѓу институциите и министерствата.
„ Сега ќе има луѓе кои што ќе бидат 24/7 подготвени од секоја институција, од секое министерство кои ќе работат 24/7 на оваа проблематика и ќе имаме координирана акција во овој временски период и тоа ќе биде навистина голем предизвик“, кажа Љутков.
Природното и културното наследство на Охридскиот Регион е прогласено за светско наследство на третата седница на УНЕСКО во 1979. Во 2019, ова подрачје е проширено за да го вклучи и албанскиот дел од езерото, и со тоа стана меѓудржавно светско наследство.
С. ВРЕНЦОВСКА