ЕГИПЕТ ПРОНАЈДЕ ПОТОНАТИ АРТЕФАКТИ ВО СРЕДОЗЕМНОТО МОРЕ

    ЕГИПЕТ ПРОНАЈДЕ ПОТОНАТИ АРТЕФАКТИ ВО СРЕДОЗЕМНОТО МОРЕМеѓу парчињата е и гранитна статуа без глава и нозе, долга 2,17 метри, за која се верува дека припаѓа на доцниот период или ерата на Птоломеј. (Фото: ДПА)

    Египет пронајде нови потонати артефакти од Средоземното Море во близина на северниот град Александрија, за прв пат по речиси 25 години, соопштија властите. Нуркачите користеле јажиња за да прикачат четири парчиња на кран, кој ги кревал од калливата вода едно по едно.

    Артефактите потоа биле внимателно поставени за изложба за време на свеченоста во заливот Абу Кир во Александрија.

    Меѓу парчињата е и гранитна статуа без глава и нозе, долга 2,17 метри, за која се верува дека припаѓа на доцниот период или ерата на Птоломеј. Се проценува дека првично била долга 5 метри.

    Шефот на Врховниот совет за антиквитети, Мохамед Исмаил Халед, рече дека овие наоди се првото откривање на подводни артефакти после 2001 година. Тие се дел од проект за ископување започнат во 2023 година, кога археолозите почнаа да документираат подводни структури пронајдени на околу 2,5 километри од античкиот потонат град Тонис-Хераклион во заливот Абу Кир.

    Локалитетот „се смета за продолжение на античкиот град, бидејќи пронајдените структури покажуваат економски, погребни и други аспекти“, изјави Халед за ДПА.

    Се верува дека Хераклион, кој беше откриен во 1990-тите, бил потопен по земјотрес што го погодил Египет во 2. век пред н.е. Наодите кои беа откриени неделава се уште еден доказ дека градот бил потопен поради земјотрес, велат официјалните лица.

    „Телото на статуата е најсилниот дел, за разлика од нозете и главата кои лесно се кршат“, рече Халед.

    Археолозите откриле и брод, а дополнителни детали ќе бидат откриени откако ќе се проучи под вода.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира