Поезијата на Иван Штрпка има интимна, медитативна, комуникативна и антрополошка димензија. Отвореноста, огледалноста и интертекстуалноста ја прават посебна, оригинална и пријателски настроена спрема читателот. Од тие причини, поезијата на Штрпка е книжевна и духовна придобивка која ги надминува рамките на Словачка. И во случајот со поезијата на Штрпка може да се каже дека – она кое постигнало степен на совршенство, не познава просторни и временски граници, рече синоќа академик Катица Ќулавкова, во црквата „Света Софија“ во Охрид на традиционалото поетско претставување на добитникот на Златен вецец на Струшките вечери на поезијата (СВП).
Академик Ќулавкова рече дека поезијата, на Штрпка е огледална, затоа што во неа се прекршуваат слики од колективната меморија, кои ѝ даваат додатна вредност на интроспекцијата и медитативната перцепција својствена на неговите песни. Без таа огледалност тешко би ја разбрале метафизичката трансформација на поетските слики на Штрпка.
„Штрпка е илуминативен пример на духот на модерната словачка поезија која се спротивставува на поетичките и политичките канони наследени од поствоениот комунистички чехословачки амбиент и хронотоп, а се отвора спрема светот и го покажува својот сензибилитет спрема т. н. вечни теми на поезијата, теми профани, теми филозофски, теми етички, теми естетски“, додаде Ќулавкова.

Штрпка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, директорот на СВП Никола Кукунеш, академик Ќулавкова и академик Вера Битракова-Грозданова. (Фото: СВП)
Академик Ќулавкова додаде и дека секоја песна на Штрпка е мал архив на подвижни слики, одломки од стварноста, фрагменти во коишто се рефлектира и интимната, и општествената стварност.
„Неговите песни наликуваат на филмски епизоди, а збирките на кусометражни филмови. Освен тоа, песните на Штрпка се поткрепени со семантички пресврти, поенти и досетки“, рече Ќулавкова.
„За мене е голема чест и признание да ја примам во Македонија наградата Златен венец на еден од најзначајните меѓународни фестивали на современиот свет на поезијата без граници, во Струга. Воедно е и голема сатисфакција да влезам на тој начин во прекрасното друштво на одлични поети од целиот поетски свет, толку важни во сето ова време и за мене. Да се читаме, да се пишуваме, да се истражуваме подлабоко! Нашиот отворен, однапред недовршен повеќеслоен јазик може да биде овде индивидуален, а притоа единствено заеднички. Можеме попрецизно и подлабоко да се разбереме. Тоа е првичниот јазик што се создава во нас и со нас од почетокот. Тоа е важно особено денес, среде несигурниот свет во кој вредностите на нашата перцепција и неговите визии се мошне небезбедно разнишани“, рече Штрпка.