Евгениј Поп Ацев стана петтиот Македонец кој го препливал каналот Ла Манш, долг над 33 километри, за што му требаа девет часа и 43 минути. Претходно, еден од најголемите пливачки подвизи го остварија и Нико Нестор во 1959, Атина Бојаџи во 1969, Томи Стефановски во 2009 и Игор Димовски во 2010.
„Огромни честитки за Евгениј Поп Ацев, кој го комплетираше пливањето во Ла Манш за неверојатно време од девет часа и 43 минути“, објави Пливачката асоцијација на Ла Манш.
Триесет и седумгодишниот Поп Ацев е еден од најуспешните македонски пливачки маратонци, дисциплина во која се натпреваруваше од 2007 до 2021 и трипати беше светски првак. Во 2015 стана првиот Македонец кој победил на Охридскиот пливачки маратон. Тој е член на Меѓународната сала на славните за маратонско пливање.