Русија има негативен став за европските предлози за безбедносни гаранции за Украина и нема да прифати никакво присуство на трупи на НАТО во земјата, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
„Напорите на Доналд Трамп за завршување на војната во Украина се многу важни и се надеваме дека ќе продолжат“, рече Песков.
Како дел од можно мировно решение, европските сојузници на Украина работат на сет гаранции за земјата кои би ја заштитиле од можен иден руски напад. Но, Песков вели дека распоредување европски трупи во Украина би значело присуство на НАТО, што Русија сакала да го спречи од самиот почеток.
„На самиот почеток, токму напредокот на воената инфраструктура на НАТО и нејзината инфилтрација во Украина веројатно би можеле да се наведат меѓу основните причини за конфликтната ситуација што се појави. Затоа имаме негативен став за овие дискусии“, рече Песков.
Сите страни се согласуваат дека безбедносни гаранции за Украина треба да бидат дел од каков било мировен договор, но не се согласуваат како тие би изгледале. Русија вели дека треба да биде еден од гарантите на безбедноста на Украина и сака да го оживее предлогот што беше дискутиран помеѓу двете земји во 2022 и одбиен од Киев на самиот почеток на војната.
Доналд Трамп кажа дека САД нема да испратат војници во Украина како дел од какви било безбедносни гаранции, но додаде дека постои можност за воздушна и разузнавачка поддршка.
Песков рече дека руските и украинските преговарачи се во контакт, но не може да даде датум кога повторно ќе се сретнат. Тие последен пат имаа директни разговори во Истанбул на 23 јули, што траеше само 40 минути.