ХОЛИВУДСКИ ЅВЕЗДИ И ПРОПАЛЕСТИНСКИ ДЕМОНСТРАНТИ ЌЕ СЕ СПОЈАТ НА 82. ВЕНЕЦИСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ, СЕ ОТВОРА СО НОВИОТ ФИЛМ НА СОРЕНТИНО

    ХОЛИВУДСКИ ЅВЕЗДИ И ПРОПАЛЕСТИНСКИ ДЕМОНСТРАНТИ ЌЕ СЕ СПОЈАТ НА 82. ВЕНЕЦИСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ, СЕ ОТВОРА СО НОВИОТ ФИЛМ НА СОРЕНТИНОВо главната конкуренција за престижната награда Златен лав се 21 филм;- Жирито на чело со оскаровецот Алексендер Пејн. (Фото: Венециски фестивал)

    Осумдесет и второто издание на гламурозниот Венециски филмски фестивал се отвора денеска со премиерата на новиот филм на Паоло Сорентино, „La Grazia“. Во следните десет дена, фестивалот ќе пречека бројни холивудски ѕвезди и славни режисери, како Џорџ Клуни, Џулија Робертс, Двејн Џонсон, Емили Блант, Ендрју Гарфилд, Ема Стоун, Гилермо дел Торо и Кетрин Бигелоу, но и ќе се соочи со демонстрации на активисти кои сакаат да го свртат вниманието кон страдањата во Газа.

    Тие се најавени од групата „Венеција за Палестина“, која побара од организаторите на фестивалот да го прекине партнерството со групите кои ја поддржуваат израелската влада. Демонстрантите планираат марш кон фестивалот в сабота вечер, што ќе се совпадне со премиерата на „Франкенштајн“, новиот филм на Дел Торо.

    Директорот на фестивалот Алберто Барбера изјави дека сочувствуваат со жртвите во Газа, но не даваат политички изјави и не бојкотираат уметници. Место тоа, на фестивалот ќе се одржи светската премиера на „Гласот на Хинд Раџаб“ на туниската режисерка Каутер Бен Ханија, филм за смртта на шестгодишно палестинско девојче.

    „Гласот на Хинд Раџаб“ е еден од 21 филм во главната конкуренција кои ќе се борат за престижната награда Златен лав, заедно со „Бугонија“ на Јоргос Лантимос, „Куќа од динамит“ на Кетрин Бигелоу, „Машина за кршење“ на Бени Сафди, „Џеј Кели“ на Ноа Баумбах и „Волшебникот од Кремљ“ на Оливие Асајас, во кој Џуд Ло го глуми Владимир Путин.

    И два македонски филма ќе имаат светска премиера во Венеција: „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“, а „Силјан“ на Тамара Котевска ќе се прикаже вон конкуренција во програмата за документарци.

    Програмата почнува со „La Grazia“, за кој Барбера кажа дека ги изненадил.

    „Ова е поразличен Сорентино од оној на кој сме навикнале. Помалку барокен и формалистички од претходните филмови што ги сними. Тоа е многу неочекувана приказна“, кажа Барбара.

    Годинашното жири го предводи американскиот филмаџија Александер Пејн, а членови се неговите колеги Стефан Бризе, Маура Делперо, Кристијан Мунџу и Мохамад Расулоф и актерките Фернанда Торес и Жао Тао.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира