Полицијата вчера, при напуштање на Македонија на граничниот премин Блаце, уапсила хрватски државјанин оженет за скопјанка, која ја претепал бремена и ја раскрварел, го повредил и 5-месечното неродено бебе и тргнал да бега. Во системот тој веќе бил означен под „апси“ и веднаш бил уапсен и однесен пред обвинител.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје отворил истрага против насилникот под сомнение за кривичното дело Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„При вршење семејно насилство во домот во Скопје тој телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво почнал да ѝ се обраќа на висок тон, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. Потоа продолжил силно да ја притиска за вратот, иако знаел дека е во петтиот месец од бременост. Во еден момент ја зграбил и насилно ја фрлил во креветот, по што ѝ ја удирал главата од ивицата на креветот. Престанал кога оштетената започнала да крвари, по што жртвата успеала да се засолни во тоалетот и да повика полиција и брза помош. Осомничениот слушнал дека повикува помош, по што го напуштил станот. Кај оштетената била констатирани бројни повреди на главата, но и на плацентата во која е сместен плодот“, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.