НА ДРЖАВНА КАРДИОХИРУРГИЈА НЕМА КОЈ ДА ПРАВИ ИНТЕРВЕНЦИИ, ЌЕ СЕ ИСПИТУВААТ МОЖНИ НЕПРАВИЛНОСТИ КАЈ ОСУМ СЛУЧАИ НА КАРДИОХИРУРШКИ ИНТЕРВЕНЦИИ ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ

    НА ДРЖАВНА КАРДИОХИРУРГИЈА НЕМА КОЈ ДА ПРАВИ ИНТЕРВЕНЦИИ, ЌЕ СЕ ИСПИТУВААТ МОЖНИ НЕПРАВИЛНОСТИ КАЈ ОСУМ СЛУЧАИ НА КАРДИОХИРУРШКИ ИНТЕРВЕНЦИИ ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИМинистерот за здравство Алиу потврди дека има недостаток на стручен кадар на Киниката за кардиохирургија. (архивска фотографија)

    Осум медицински досиеја се доставени до новоформираната Интерна комисија која треба да ги истражи можните неправилности при кардиохируршки интервенции што ја вознемирија јавноста, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција. Тој додаде дека паралелно е побаран и вонреден стручен надзор за истите случаи од Лекарската комора.

    „Како Министерство за здравство, веднаш постапивме по информациите и формиравме Интерна комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди“, изјави Алиу.

    Министерот рече дека сите осум случаи се доставени од една јавна здравствена установа, а не од индивидуални пациенти. Комисијата, која утре ќе го одржи првиот состанок, детално ќе ги обработи досиејата. Во нејзиниот состав се очекува да се приклучат и тројца странски експерти, најверојатно од Словенија, Италија и Австрија.

    Во однос на тековните проблеми на Клиниката за кардиохирургија, каде според поплаки од пациенти не се извршуваат интервенции и трансплантации, Алиу потврди дека има недостаток на стручен кадар.

    „Денеска имав состанок со директорот и колегите од Кардиохирургија. Недостасуваат стручни лица, не само таму, туку и на поголем дел од клиниките. Иницираме билатерален договор со Словенија за да се најде решение, преку кој нивни доктори би доаѓале привремено кај нас, а наши лекари би оделе таму на размена на знаења“, најави министерот.

    Како што рече Алиу, тоа во пракса значи дека може доктори да дојдат привремено тука од три до шест месеци, а наши лекари таму, но проектот е во многу рана фаза.

    Интерната комисија во Министерството за здравство се формираше откако кардиологот Сашко Кедев минатиот месец обвини дека во приватни болници се прават непотребни хируршки интервенции врз пациенти, само за профит.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира