НЕ СУМ ЗАДОВОЛЕН ОД ПОРАКИТЕ ШТО ГИ ИСПРАТИ ФОН ДЕР ЛАЈЕН, ТАА ЈАСНО КАЖА ДЕКА ПРОМЕНАТА НА УСТАВОТ СТОИ НА МАСА, КАЖА МИЦКОСКИ

    НЕ СУМ ЗАДОВОЛЕН ОД ПОРАКИТЕ ШТО ГИ ИСПРАТИ ФОН ДЕР ЛАЈЕН, ТАА ЈАСНО КАЖА ДЕКА ПРОМЕНАТА НА УСТАВОТ СТОИ НА МАСА, КАЖА МИЦКОСКИМицкоски рече дека вчерашната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен била исклучително пријателска, корисна и содржајна, со очекување дека може да биде клучна за идните процеси. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски очекува веќе следната недела да почнат разговорите со Бугарија, откако Министерството за надворешни работи и надворешна трговија доставило официјално барање за билатерална средба.

    Мицкоски рече дека вчерашната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен била исклучително пријателска, корисна и содржајна, со очекување дека може да биде клучна за идните процеси. Сепак, тој рече дека не е задоволен од ставот на претседателката дека уставните измени остануваат на маса, потсетувајќи дека тоа е обврска прифатена од претходната влада.

    „Не можам да кажам дека сум задоволен од пораките кои што ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на уставот, работа која што е прифатена од претходната влада“, кажа Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по денешниот увид во градежните активности на мостот на улицата „Љубљанска“ во скопската Општина Карпош.

    Тој додаде дека разговорите кои порано биле невозможни сега се во тек и дека со трпение и време ќе се остварат резултати кои претходниците не можеле ниту да ги замислат.

    Како охрабрување за владата тој ги наведе позитивните оценки за нејзиниот ангажман и за испораката на реформите кои се оценети како најдобри во регионот. Мицкоски рече дека постепената, односно градуална интеграција претставува шанса за државата и дополнителен мотив за продолжување на реформскиот процес.

    Премиерот најави дека во ноември има закажано две патувања во Брисел, првото на средба кај еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, а второто на регионалниот самит меѓу Европската Унија и Западен Балкан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира