„Татко, мајка, сестра, брат“ на култниот режисер Џим Џармуш ја освои најпрестижната награда Златен лав на 82. издание на Венецискиот филмски фестивал, што се затвори вечерва. Филмот во кој глумат Кејт Бланшет, Том Вејтс, Адам Драјвер и Шарлот Ремплинг е приказна за отуѓени браќа и сестри кои повторно се обединуваат по долги години и се принудени да се соочат со нерешени тензии и да ги преиспитаат своите затегнати односи со емоционално оддалечените родители.

Иако важеше за голем фаворит, „Гласот на Хинд Раџаб“ на туниската режисерка Каутер Бен Ханија на крајот го доби Сребрениот лав – Гран при на жирито. (Фото: АП)
Иако важеше за голем фаворит, „Гласот на Хинд Раџаб“ на туниската режисерка Каутер Бен Ханија на крајот го доби Сребрениот лав. Филмот за смртта на шестгодишно палестинско девојче во Газа по премиерата доби 23-минутни овации, најдолги во историјата на фестивалот. Меѓу продуцентите на филмот се и оскаровците Хоакин Феникс и Руни Мара.
Наградата за најдобар актер му припадна на италијанскиот ветеран Тони Сервилјо за улогата на претседателот на Италија во „Грација“ на Паоло Сорентино, филмот кој го отвори фестивалот, додека најдобра актерка е Кинеската Шјин Џилеи за драмата „Сонцето изгрева над сите нас“ на Каи Шангџун.
Сребрената мечка за најдобар режисер ја освои Бени Сафди за „Машина за кршење“, во кој ѕвездата на блокбастери Двејн Џонсон глуми борач во мешани боречки вештини, за што драстично го промени својот изглед.
Специјалната награда на жирито ја доби „Под облаците“ на Џанфранко Роси, а во селекцијата Хоризонти најдобар филм е „На патот“ на мексиканскиот режисер Давид Паблос.
Македонија оваа година имаше два филма во Венеција и освои една награда. „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ја отвори натпреварувачката програма Хоризонти, а „Силјан“ на Тамара Котевска се прикажа вон конкуренција во програмата за документарци, но ја освои независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award) за најдобар филм, наречена и „Награда за муза“.
- „СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА ЈА ДОБИ „НАГРАДАТА ЗА МУЗА“, ЕДНО ОД ПАРАЛЕЛНИТЕ ПРИЗНАНИЈА НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФЕСТИВАЛ
- ШТРКОТ Е ПОВРЗАН СО МИГРАЦИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ГО АНАЛИЗИРАВ КАКО СИМБОЛ НА СЛОБОДА, ДОМ И СЕМЕЈСТВО, РЕЧЕ ТАМАРА КОТЕВСКА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „СИЛЈАН“ ВО ВЕНЕЦИЈА
- САКАВ ДА ЈА ОТКРИЈАМ МАЈКА ТЕРЕЗА КАКО ОБИЧНА ЖЕНА, РЕЧЕ ТЕОНА МИТЕВСКА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „МАЈКА“ ВО ВЕНЕЦИЈА