Видео со скриена камера, во кое се доловува како луѓето реагираат кога ги услужува аптекарски помошник што има Даунов синдром, е едно од трите видеа од кампањата „Биди фер. За детство без пречки“, на УНИЦЕФ и Европската унија, која вчера и официјално беше претставена.
Од УНИЦЕФ велат дека преку кампањата треба да се влијае на свеста на луѓето дека Дауновиот синдром или друга здравствена состојба не треба да ги спречува младите да го остварат својот потенцијал, но дека однесувањето на другите луѓе може да биде или охрабрување или пречка за лицата со пречки во развојот.
Со кампањата изработени се и неколку видеа во кои лицата со физички хендикеп, кои движејќи се во количка наидуваат на физички бариери, кои можат да ги попречат децата да одат во училиште или возрасните да ги остварат своите потенцијали.
Во третиот вид видеа на деца со и без попреченост им се дава можност да ја покажат способноста за играње „голбол“, односно параолимписка дисциплина која ја играат спортисти со оштетен вид. Со ова видеа се покажува како адаптираните средини го олеснуваат учеството.
„Повеќето од нас, несвесно, од незнаење или поради тоа што никогаш не сме биле во ситуација да комуницираме со лице со Даунов синдром, реагираме на различни начини. Со поголема вклученост на децата и младите со попреченост, ќе имаме почесто можност да се сретнуваме и да комуницираме заедно, па и да ги надминеме бариерите што се должат на незнаење, страв и предрасуди“, велат од УНИЦЕФ.