Доналд Трамп побарал од вропската Унија да воведе царини од 100% за Кина и Русија како дел од напорите да се притисне Владимир Путин да ја заврши војната во Украина. Според „Фајненшл тајмс“, овој предлог првпат бил изложен на вчерашната средба на американски и европски функционери, на која се разговарало за опциите за засилување на економскиот притисок врз Русија.
Ова е последниот предлог на Трамп, кој се мачи да постигне договор за прекин на огнот помеѓу Русија и Украина. Тој најави дека повторно ќе разговара со Путин оваа недела или на почетокот на следната.
По рускиот напад врз Киев викендов, кога за првпат беше погодена зградата на украинската влада, Трамп кажа дека не е среќен со ситуацијата и дека се спрема за втора фаза од санкциите за Русија. Тој и порано се закануваше со построги мерки, но не презеде ништо, иако Путин ги игнорираше неговите крајни рокови.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент кажа дека Вашингтон се подготвува да го заостри економскиот притисок врз Русија, но му треба силна поддршка од Европа. Трамп претходно ги зголеми царините за Индија од 25% на 50%, која, заедно со Кина, е најголемиот купувач на руската нафта, што ја придвижува руската воена економија. Тој исто така ја повика ЕУ да престане да купува руски енергенси.