Чарли Кирк имал само 18 години кога ја основал организацијата „Пресвртница“ (Turning Point USA), со цел да шири конзервативни идеали на либерално настроените американски колеџи. Во моментов на неговото убиство, што се случи вчера на јавен настан на универзитет во Јута, Кирк важеше за еден од најугледните конзервативни активисти и верен сојузник на Доналд Трамп, на кого му помогна да освои многу гласови од младите на ланските избори.
Тој ја почнал непрофитната организација набргу откако Барак Обама беше избран за претседател во 2012 година. Насочена кон младите, нејзината мисија беше да ги организира студентите да промовираат фискална одговорност, слободни пазари и ограничена влада. Организацијата денес има подружници на 850 колеџи и редовно одржува јавни настани.
Пресвртница исто така одигра клучна улога во лобирањето за Трамп и другите републикански кандидати на минатогодишните избори. Кирк придонесол да се регистрираат десетици илјади млади гласачи, помагајќи му на Трамп да победи во Аризона.
Односите помеѓу Кирк и Трамп пораснаа по неговата изборна победа, па Кирк присуствуваше на инаугурацијата во јануари и стана редовен гостин во Белата куќа. И самиот Трамп го призна значењето на организацијата за неговата популарност, па лани одржа говор на нејзина конференција во Аризона.
Кирк, кој беше женет за мис Аризона, се сметаше за иднината на конзервативниот активизам, но и за поларизирачка личност. Познат по својот често провокативен дискурс на теми, кои се движеа од раса и пол до имиграција и регулирање на огнено оружје, Кирк често користеше јавни настани за да покани луѓе од публиката да дебатираат со него во живо. Тој беше и цврст застапник на правото на носење оружје, што го гарантира Вториот амандман на уставот.
Во исто време, ширеше антитрансродови ставови и скептицизам во врска со ковид-пандемијата и јавно го промовираше лажното тврдење на Трамп дека изборите во 2020 биле украдени. Но, реагирајќи на фаталното пукање, некои нагласија дека Кирк ја ценел и охрабрувал дебатата за различни идеи.
Полицијата кажа дека Кирк бил застрелан во врат со еден куршум, испукан од снајперско гнездо на покривот на зграда, оддалечена 130 метри од местото каде што седел. Бидејќи засега нема уапсени, мотивот останува непознат.
Ова пукање се случи среде најдолготрајниот период на политичко насилство во САД од 1970-тите. „Ројтерс“ документирал повеќе од 300 случаи на политички мотивирани насилни акти откако поддржувачите на Трамп го нападнаа американскиот Конгрес на 6 јануари 2021. Самиот Трамп преживеа два обида за атентат во предизборната кампања.