Утринава на експресниот пат Штип-Радовиш комбе со работници излета од патот и падна од мостот во коритото на Балталичка Река, висок 15-тина метри, при што загинаа тројца, а двајца повредени се пренесени во Клиничката болница во Штип.
Основното јавно обвинителство Штип изврши увид на лице место на несреќата.
„Со комбето се превезувале работници ангажирани од фирма од Струмица. Во несреќата го загубија животот тројца работници, од кои според првичните сознанија двајца се од Бангладеш и еден од Непал, додека едно лице е тешко повредено. Возачот се здобил со лесни повреди. ОЈО Штип презема дејствија за испитување на причините за несреќата. Се врши разговор со очевидци, а телата на починатите се дадени на обдукција. По наредба на јавен обвинител ќе биде извршено и сообраќајно вештачење“, соопшти Обвинителството.
Од Клиничката болница во Штип соопштија дека утринава се донесени двајца повредени во сообраќајната несреќа. Едниот е странски државјанин на 24 години кој има скршеници на три ребра и е хоспитализиран на Хируршкото одделение. Возачот е примен на Ортопедија во стабилна состоја со потрес на мозокот, скршеница на потколеница и скршеница на скапула. И двајцата пациенти се вон животна опасност.
На местото на настанот веднаш пристигнале две амбулантски возила, возило на протипожарната единица и на полицијата кои извршија увид.
„Денеска во СВР Штип во 08.13 часот било пријавено дека на експресниот пат Штип-Радовиш, кај мостот на Балталичка Река во близина на с. Лакавица, Штипско, товарно возило ‘фиат дукато’ со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Струмица, а управувано од М. Д. (35) од с. Иловица, Струмичко, излетало од мостот. Од екипа на итна медицинска помош, кај три машки лица е констатирана смрт, додека возачот и уште едно машко лице со повреди се пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош“, соопшти МВР.
За два месеца ова трета сообракајна несреќа на овој експресен пат кои се случуваат главно поради брзо возење.
Т. ЈОВАНОВСКИ