На некои места на депонијата „Дрисла“ се поставени термални камери, со кои се набљудува просторот, за да се забележи движење на злонамерни лица кои сакаат да потпалат, а зголемен е бројот на патроли, рече денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
На 9 септември дена изби пожар на депонијата, која е лоцирана во југоисточниот дел од Скопје на оддалеченост од 14 км од центарот на градот. Магла од чад и смрдеа на гареж и дендака се чувствува во половина Скопје.
„Вчера изработивме два пристапни патишта низ заезерувањето од отпадна вода од самата депонија која е длабока околу 1,5 метар и која нѐ спречуваше да дојдеме до самото место каде се случува чадењето, бидејќи во суштина ние немаме горење, само чадење. Денес имаме и засилен број механизации, максимален број на багери, како и булдожери, кои го чистат и пробиваат местото каде се случува чадењето и се работи на затрупување. Во овој момент напредуваме дбро, очекувам во текот на денот да добар дел од ова место да биде целосно затрупано. Побарав дополнителна механизација затоа што како што напредуваме со овие земјени патипта, се отвора простор за поширок фронт за работа на повеќе машини“, кажа Ангелов на прес-конференцијата во „Дрисла“.
Јавното претпријатие „Дрисла“ е под надлежност на Град Скопје чиј градоначалник го именува директорот. За в. д. директор на „Дрисла“ градоначалничката Данела Арсовска во февруари годинава го назначи Самир Хусени. Претседател на Управниот одбор на „Дрисла“ е Даме Димитровски, актуелен советник на премиерот Христијан Мицкоски за животна средина во Владата и поранешен претседател на Комисија за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ.
Стојанов вчера кажа дека Криминалистичката полиција разговара со вработените во депонијата „Дрисла“ во Скопје, да дојде до информации околу можни причинители на пожарот.
„Се разбира дека е непријатен чад кој содржи од тоскини, но тоа е чад која излегува од внатрешноста на земјата како последица на силните хемиски процеси кои се одвиваата во делот на депонијата каде се слева исцедокот од депонијата. Активно горење на самата депонија нема. Се работи со засилена механизација за целосно затрупување на просторот. Депонијата е на површина од 85 хектри, има повеќе камери, но се сомневам дека се функционални. Депонијата е лесно достапна за злонамерници кои би сакале да подметнат или да го продолжат пожарот. Дознав дека имало уште најмалку 3 обиди за палење на самата депонија и биле брзо изгаснати“, кажа Ангелов.
Директорот рече дека нема никој осомничен од вработените за пожарот, но дека Крим-полицијата разговара со вработените за да се види дали некој од внатре или некој доаѓа преку ридовите со канта бензин да го подметне пожарот.
Дивата депонија „Вардариште“, каде почна пожар на 31 август и траеше десетина дена, се наоѓа на само 6,5 километри од зградата на Владата во строгиот центар на Скопје. Власта во Гази Баба изминативе 4 години е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Актуелниот градоначалник на Гази Баба Бобан Стефковски е и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за оваа функција за претстојните Локални избори на 19 октомври.
По пожарот во „Вардариште“, жителите на Аеродром и други општини секој ден во 18 часот ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“, а протестите ќе продолжат дури не се реши проблемот.
Б. НЕСТОРОСКА