Доналд Трамп првпат ја означи Русија како агресор во војната во Украина и призна дека мислел дека полесно ќе постигне мировен договор.
„8.000 војници од двете земји загинале минатата недела. Повеќе од Русија, но кога сте агресор губите повеќе“, им кажа Трамп на новинарите во Белата куќа.
Тој претходно одбиваше да ја осуди Русија за инвазијата, при што САД застанаа на страната на Москва и Северна Кореја во февруари, отфрлувајќи ја резолуцијата на Обединетите нации за поддршка на територијалниот интегритет на Украина. Во април, тој дури ја обвини Украина за почеток на војната.
Сепак, Трамп го промени односот кон Кремљ летово и дури најави заострување на санкциите за Русија откако неговите напори за постигнување прекин на огнот не вродија со плод.
„Имам запрено седум војни и мислев дека оваа ќе ми биде лесна, но излезе многу тешка. Мислам дека јас треба да разговарам за сѐ. Зеленски и Путин толку многу се мразат еден со друг што не можат да дишат“, кажа Трамп.
Тој викендов повтори дека е спремен да воведе нови санкции за Русија, но само ако Европа престане да купува руска нафта и воведе високи царини за Кина и Индија. Унгарија и Словачка се најголемите купувачи на руски енергенси во ЕУ и се противат на напорите на Европската комисија за целосно откажување од руските нафта и гас.