Американски воени офицери ненадејно се појавија како набљудувачи на заедничката воена вежба на Русија и Белорусија и белорускиот министер за одбрана Виктор Хренин им кажа дека „можат да погледнат сѐ што ги интересира“.
Вежбата „Запад 2025“ се одвива на територијата на двете држави, како и во Балтичко и Баренцово Море, а почна ден по упадот на руските дронови во Полска. Москва и Минск тврдат дека вежбите се строго дефанзивни и немаат намера да нападнат членка на НАТО.
Белоруските власти кажаа дека посетата на Американците била изненадување.
„Кој можеше да замисли дека вака ќе започне утрото на уште еден ден од вежбата ‘Запад 2025?‘“, се вели во соопштението на белоруското министерство за одбрана, додавајќи дека Американците биле меѓу претставниците на 23 земји, вклучувајќи уште две членки на НАТО, Турција и Унгарија.
Министерството објави видео на кое се гледаат двајца униформирани американски офицери како му се заблагодаруваат на Хренин за поканата и се ракуваат со него.
„Ќе ви покажеме сѐ што ве интересира, што сакате. Можете да одите таму и да видите, да разговарате со луѓето“, вели Хренин.
Ова е најновиот знак на затоплување на односите помеѓу САД и Белорусија, близок руски сојузник. Џон Коул, претставник на Доналд Трамп, минатата недела разговараше со белорускиот лидер Александар Лукашенко во Минск, кој се согласи да ослободи 52 затвореници, вклучувајќи новинари и политички противници. САД за возврат одобрија олеснување на санкциите за белоруската национална авиокомпанија „Белавија“.
„Трамп сака повторно да ја отвори амбасадата на САД во Белорусија во блиска иднина, да ги нормализира врските и да ги оживее економските и трговските односи“, рече Коул.