Доналд Трамп кажа дека американската војска уништила уште еден венецуелски брод за превоз на дрога кој се движел кон САД, при што биле убиени тројца луѓе. Тој не понуди докази дека бродот превезувал дрога.
„Тројца луѓе се убиени во напад во меѓународните води врз насилни картели за шверц на дрога“, кажа Трамп.
Ова уследи откако претседателот Николас Мадуро изјави дека Венецуела ќе се брани од американска агресија, опишувајќи го американскиот државен секретар Марко Рубио како „господар на смртта и војната“.
Тензиите помеѓу двете земји се засилија откако САД испратија воени бродови во јужни Кариби заради борба против наркокартели. Притоа беше нападнат брод кој наводно превезувал дрога, при што биле убиени 11 луѓе. Експертите ја доведоа во прашање легалноста на нападот од 2 септември, велејќи дека можеби било прекршено меѓународното право.
„Овие екстремно насилни наркокартели претставуваат закана за националната безбедност на САД“, кажа Трамп по денешниот напад.
Тој сподели видео од 30 секунди кое прикажува брод кој експлодира и кажа дека САД имаат доказ дека пловилото припаѓало на наркотерористички групи.
„Нашите односи со САД се уништени поради нивните закани со бомби. Ќе го искористиме нашето легитимно право да се браниме“, изјави Мадуро.
Запрашан дали САД ќе почнат напади врз копното на Венецуела, Трамп одговори:
„Ќе видиме што ќе се случи. Венецуела ни ги испраќа своите членови на банди, своите дилери на дрога и дрога“.