ВО МАКЕДОНИЈА ИМА ТОЛКУ РЕАЛНИ ПРИКАЗНИ ШТО ЛИЧАТ НА НАУЧНА ФАНТАСТИКА, РЕЧЕ РЕЖИСЕРКАТА КОТЕВСКА ЗА СНИМАЊЕТО НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „СИЛЈАН“

    ВО МАКЕДОНИЈА ИМА ТОЛКУ РЕАЛНИ ПРИКАЗНИ ШТО ЛИЧАТ НА НАУЧНА ФАНТАСТИКА, РЕЧЕ РЕЖИСЕРКАТА КОТЕВСКА ЗА СНИМАЊЕТО НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „СИЛЈАН“Петковски, Котевска и монтажерот Мартин Иванов на денешната прес-конференција во Скопје. (Фото: К. Попов)

    „Силјан“ ме убеди дека најдобро знам да раскажам приказна за Македонија, дека најмногу сакам да раскажувам приказни од Македонија. Многу си ја сакам земјата. Толку добро ја познавам и толку многу ја сакам што секогаш ме фасцинира кога наоѓаме реални приказни што всушност личат на научна фантастика, рече режисерката Тамара Котевска на  денешната прес-конференција.

    „Силјан“ е трет  документарец на Котевска, која има 2 номинации за Оскар за првиот документарец „Медена земја“ кој во 2020 беше номиниран за најдобар странски и за најдобар документарен филм. „Силјан“ е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм за 2026.

    „Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.

    Котевска рече дека филмот е 90 отсто снимен во Македонија (Чешиново, Гевгелија, Стојаково,…), а се почнало со многу мал тим, голема желба и сопствени финансии.

    „Филмот имаше тежок пат. Почнавме со многу мал тим и поминавме цела година без некаква информација за каква било финансиска поддршка. Тешко беше зашто немаше заинтересиран ниту еден странски финансиер. Баш во тој период ни беше украден и материјал вреден околу 4.000 евра. Беше многу тешко да продолжиме и да истраеме. Ми помогна искуството со ‘Медена земја’, ментално да успеам да ја буткам целата ситуација. Инаку, живеевме во трејлер неколку месеци поради локациите на штрковите. Буквално одевме од гнездо на гнездо и го следевме целиот нивен животен циклус, од испилувањето до полетувањето“, кажа режисерката, додавајќи дека секој нов филм значи почнување нешто одново, но и големи очекувања.

    „Кога ја најдовме приказната со штрковите кои јадат на депонија, знаевме дека мора да продолжиме и дека тоа ќе вреди. Промената на миграцијата беше мојата првична идеја и како штрковите јадат од депонии кај нас, но најфасцинантниот момент ми беше односот на Никола со штркот. Не му е ова прв штрк, чувал и претходно. И не е единствениот. Тоа за мене беше најфасцинантно, навистина е нешто посебно таа симбиоза на луѓето особено од источна Македонија, па и од секаде каде има штркови. Многу често се случува да падне штрк и тие да го чуваат“, кажа Котевска.

    Според продуцентот Јорданчо Петковски, филмот настанал сосема случајно.

    „’Силјан’ настана во една пауза додека се подготвувавме да го снимаме играниот филм со Тамара. Во сценариото за играниот филм се најде штркот, а јас како продуцент прв пат се сочив со такво искуство. Кога Тамара ќе се фати за нешто, оди до крај што ми е многу драго. Така почна истражувањето за штрковите, што тие се значат, што би значеле во играниот филм и во тоа истражување поќна оваа приказна. Ни требаше една година да дојдеме до финансиери, тоа беше тешка година кога не знаевме дали да продолжиме со снимање или да почекаме“, рече Петковски

    За неколку недели треба да се знае кога „Силјан“ ќе биде премиерно прикажан пред македонската публика.

    Светската премиера на „Силјан“ беше на 29 август, вон конкуренција за награди во официјалната селекција на 82. Венециски фестивал. Филмот ја доби независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award) за најдобар филм, една од 42-те различни паралелни награди кои ги доделуваат организации кои не се поврзани со Венецискиот фестивал, за нив одлучува независно жири и за нив се квалификуваат сите филмови кои играат во официјалните програми на Венеција, без оглед дали се во или вон конкуренцијата за награди.

    По премиерата, „Силјан“ доби многу позитивни рецензии. Меѓу нив, „Индивајар“ рече дека е „Триумф… Болно прекрасен… Одличен документарец кој е и заносно поетско дело…“. „Холивуд рипортер“ рече дека е „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици“. „Скрин дејли“ вели „Извонредно…импресивно достигнување: прекрасна и нежно меланхолична поезија за еден нежно меѓусебно поврзан екосистем нарушен од притисоците на современиот живот во Македонија…“. „Скрин интернешенел“ вели дека „Силјан“ е „извонредно и импресивно достигнување“ и филм што би можел да биде фаворит на фестивалите и да се најде во трка за награди“.

    Минатиот месец Котевска го заврши снимањето на својот прв игран филм „Човек против јато“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира